Според резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за мерење на степенот на активна транспарентност на државните институции за 2022 година, Општина Карпош е најтранспарентна во Скопскиот Регион, со 97,1 отсто транспарентност.
– Работиме транспарентно и одговорно, јас како градоначалник и општинската администрација секогаш сме им на располагање на граѓаните на Карпош. Бројките се мерливи и му благодариме на Центарот за граѓански комуникации за рангирањето. Продолжуваме да работиме со отворени врати за секој граѓанин – истакна градоначалникот Стевчо Јакимовски по објавувањето на резултатите.
Општина Илинден е втора, чија активна транспарентност изнесува 95,7 од 100 отсто, а со ваквиот процент, општината се наоѓа во групата институции со „многу добра“ активна транспарентност, односно исполнување на обврските од над 95 отсто до 100 отсто.
Трета е Општина Кисела Вода, со 85,5 отсто, на четврто место е Гази Баба со 81,7, додека на петто место е скопската општина Ѓорче Петров со 76,1 отсто.
Критериуми според кои се оценуваше транспарентноста се објавување информации по сопствена иницијатива, а во интерес на граѓаните. Конкретно, секојдневно информирање за работата на општинските служби, објавување одлуки, записници, службени весници, буџети, јавни набавки, завршни сметки.