Во финалето, битолчани по изведувањето пенали (7-6) го победија Целје, откако претходно мечот беше прекинат поради лошите временски услови

РАКОМЕТЕН ТУРНИР „СТРУГА 2022“

Еурофарм Пелистер е победник на јубилејното 50. издание на меѓународниот ракометен турнир во Струга, сега познат под името „Вангел Баљукоски-Баљук“, на кој учествуваа вкупно осум екипи, од кои три од странство. Во финалето, битолчани по изведувањето седмерци (7-6) го победија словенечки Целје, откако претходно мечот беше прекинат во осмата минута (при резултат 4-3 за Целје), поради лошите временски услови и лизгавиот терен. За Еурофарм Пелистер ова е 13-та титула на овој турнир и со тоа се израмни со Вардар на листата на победниците.
Во мечот за третото место, словачки Татран Прешов беше подобар од ланскиот победник Вардар, со 26-24. Петти е грчки АЕК, кој со 29-26 славеше над Алкалоид, додека домаќинот Струга го освои седмото место, победувајќи го Бутел со 26-24.
За најдобар играч на турнирот е прогласен Жарко Пешевски од Еурофарм Пелистер, најдобар стрелец е вардарецот Филип Талески со 24 гола, додека најдобар голман е словенечкиот интернационалец од редовите на битолчани, Урбан Лесјак.
Г.И.