По правилата за велосипедски мрежи во ваков тип на густа градска средина, велосипедски патеки треба да има на секои 250, максимум 500 метри, а не на 1.000 + 70 0= 1.700 метри! Поразително! Вака не се прави велопријателски град – реагираат велосипедистите

ИНФРАСТРУКТУРНИ РЕШЕНИЈА И ИЗВЕДБИ БЕЗ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ?!

Заврши реконструкцијата на улицата Рузвелтова, на потегот од булеварот Илинден до булеварот Партизански одреди. Обновена е површина од 7.350 м2 и во должина од 600 метри. Сепак, реконструкцијата не наиде на позитивни критики, особено од страна на велосипедистите. Како што велат, со реконструкцијата само се обнови асфалтот, но не се направи ништо ново.

Вело(не)пријателски град

Градските власти велат дека со реконструкцијата се овозможува зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот во овој дел од градот.
Меѓутоа, со оваа констатација не се согласуваат сите. Велосипедистите од „На точак“ реагираа дека оваа реконструкција е залудно направена, бидејќи не е направено ништо ново.
– Уште една пропуштена шанса за Скопје со реконструкција на улица да добие поквалитетно решение. Да повториме: улицата Рузвелтова е на 1.000 метри од Климент Охридски и на 700 метри од 8 Септември, најблиските булевари каде што има велосипедски патеки/ленти. Односно, најблиската велосипедска инфраструктура во правецот север-југ во овој „развиен“ дел од Скопје изнесува дури 1.700 метри, односно 1,7 километар. Страшно! По правилата за велосипедски мрежи во ваков тип на густа градска средина велосипедски патеки треба да има на секои 250, максимум 500 метри, а не на 1.000 + 700 = 1.700 метри! Поразително! Вака не се прави велопријателски град – реагираат велосипедистите.
Според нив, улицата Рузвелтова можеше и требаше да стане важен градски велоконектор меѓу булеварите Илинден, Партизански одреди и Гологанов, дел од градската веломрежа, врска на Капиштец и Водно со Буњаковец, Дебар Маало, Карпош 1, Градскиот парк, Вардар…
За велосипедистите но и за оние што користат велосипед како превозно средство, решение морало да се најде, тие велат дека на тој начин ќе се спречело паркирањето по должината на улицата и пред кафулињата.
– Ако се воведеа велопатеки на оваа улица, автоматски ќе им се оневозможеше паркирањето пред кафуле, аптека, казино, продавница на сите автомобили, комбиња, џипови и слични превозни средства – вели велосипедист од Скопје.
Сите велат дека на овој начин се направил само поубав паркинг за кафулињата, затоа што сепак се вози по една лента, бидејќи другата се користи како паркинг.

БРЗАТА ИЗВЕДБА НА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА – ЗА ПОФАЛБА

Градежните активности за реконструкција на улицата Рузвелтова завршија пред предвидениот рок, а овој начин на реализација на новите градски инфраструктурни проекти, системски, со претходно елиминирање на детектираните недостатоци, ќе резултира со брзо, навремено и квалитетно изведување. Од граѓаните, сепак, беше пофалена брзината со која заврши реконструкцијата.
Тие велат дека одамна не била завршена толку брзо реконструкција на улица во Скопје.
– Потребно ни е брзо решавање на проблемите, за да можеме нормално да функционираме, особено на оние локации каде што се случува сообраќаен метеж. Тоа што е добро, секако дека е за поздрав. Меѓутоа, сметам дека треба да се слуша гласот на народот, поточно на оние што всушност ги користат улиците. Не дека властите не ги користат, меѓутоа ние секојдневно сме заглавени во некој метеж. Еве, јас со велосипедот на пример можам да возам по Рузвелтова, но ќе бев многу побезбеден доколку имав патека наменета за моето превозно средство. Сега е поинаку, треба да возам по коловозната лента, каде што возат и автомобили и камиони – вели Маријан Трајановски.

[email protected]