Фото: Влада

По повод одбележувањето на 78-годишнината од ослободувањето на Скопје, владина делегација составена од министрите за правда Никола Тупанчески, и за локална самоуправа Ристо Пенов и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, им оддаде почит на загинатите борци кои придонесоа 13 Ноември да биде најзначаен датум во историјата на Скопје.

Владините преставници се поклонија и положија цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани во Бутел и на споменикот „Ослободители на Скопје”, плато пред Владата.

-13 Ноември е денот кога се сеќаваме на херојството на борците кои се бореа за ослободување на Скопје. Нивните дела треба да бидат пример за нашите но и следните генерации кои доаѓаат. Да продолжиме да чекориме по патот на солидарноста и прогресот, а од Скопје да направиме модерна метропола – се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Во чест на 13 Ноември беше оддадена почит и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“.

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, по повод 13 Ноември, упати честитка до граѓаните.

– Денеска го одбележуваме 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Ден кога се сеќаваме на херојството, кога им се поклонуваме на жртвите и борците кои се бореа храбро за секоја улица на градот, и на овој ден пред 78 години, на граѓаните на Скопје им ја донесоа долгоочекуваната слобода. Од тој ден, Скопје, пулсира како слободен град – наведува Ковачевски.

Во негово и во име на Владата изразува длабока почит кон сите оние кои го дадоа својот живот за слободата на Скопје и кон сите борци кои сведочат за еден од најзначајните денови во историјата на главниот град.

– Нека ни е честит и вековит 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје – наведува Ковачевски во чститката.