Фото: МИА

Со едукативни содржини, музички хепенинг и забава за најмладите, денеска започна одбележувањето на 100 години од постоењето на Зоолошката градина Скопје, најстарата на Балканот.

Во изминатиот век, зоолошката градина поминала низ различни фази, а денес во неа живеат околу 500 животни од стотина видови. Меѓу најатрактивните се слоницата Данела, нилскиот коњ Буцо, морските лавови, лемурите, тапирите, пингвините и автохтоната мечка.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, најави дека одбележувањето ќе трае во текот на целата година, заедно со активности за модернизација на градината.

Тој посочи дека ќе започне реконструкција на старите живеалишта, а ќе се реализира и кампања со која јавни личности ќе можат да се вклучат во грижата за животните.

На настанот присуствуваше и претставник на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми, со цел подобрување на условите и евентуално враќање на членството во оваа организација.

Директорката на зоолошката градина, Катерина Костова, информираше дека приоритет ќе биде реновирање на најстарите живеалишта, од кои некои се стари и повеќе од 50 години.

 – Ќе создадеме модерни, природни живеалишта според европски стандарди, со повеќе зеленило и услови што ќе наликуваат на природната средина на животните –  изјави Костова.

Како новитет, посетителите ќе имаат можност во одредени термини да присуствуваат на хранење на животните, со цел едукација за нивната исхрана и грижа.

Таа апелираше граѓаните да не ги хранат животните со несоодветна храна, како чипс и смоки, нагласувајќи дека тие добиваат соодветна исхрана.

Костова додаде дека здравствената состојба на животните е стабилна и дека се работи на обновување на колекцијата со нови видови, вклучително и потенцијално носење на нови, „капитални“ животни.

Зоолошката градина во Скопје е основана во 1926 година од комисија предводена од Станко Караман и претставува еден од првите вакви комплекси во регионот, заедно со Природно-научниот музеј, Ботаничката градина и Градскиот парк.