Обезбедување современи, одржливи и квалитетни услови во детските градинки се врвни приоритети и заложби на Општина Центар.
Изминатиот период целосно се реконструира објектот „Кукушка“ – клон на градинката „13 Ноември“ и обезбедени се нови функционални и безбедни просторни услови за престој на децата. Обновени се детските занимални и внатрешниот ентериер, ходниците, ѕидните површини и поставен е комплетно нов еколошки ламинат. Реконструирани се топловодната мрежа, фасадата на градинката и поставени се нови бехатон-плочки во дворот на градинката.
– Како локална самоуправа продолжуваме да вложуваме во квалитетно предучилишно образование и најсовремени услови за престој во детските градинки на територијата на Центар, а оваа година започнуваме нова капитална инвестиција и изградба на нова детска градинка во населба Пролет – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ
Минатата година во градинките на територијата на Општина Центар се спроведоа неколку активности за обезбедување подобри услови за децата. Целосно се реконструирани објектите „Пепелашка“ и „Палешка“ – клонови на општинската градинка „Раде Јовчевски-Корчагин“, изведени по европски стандарди за квалитет и целосно е обновен стариот и оштетен под во матичниот објект на површина од 378 квадратни метри.

Детските занималните во објектот „Јасмин“ – клон на градинката „13 Ноември“ се комплетно реконструирани и поставени се нови дизајнирани шкафчиња, приспособени за секојдневните потреби на децата. Поставени се и нови гумирани подлоги на детските игралишта во општинските градинки, кои имаат цел да обезбедат зголемена безбедност и подобри услови за игра и рекреација кај децата, додека во месец декември минатата година беше пуштено во употреба новото детско игралиште во објектот „Наум Наумовски-Борче“ – клон на градинката „Кочо Рацин“.
Во однос на заштита на животната средина, центарската градинка „Кочо Рацин“ – објектот „Панорама“, е првата градинка каде што се поставени топлотни пумпи за еколошко разладување и загревање на просториите и денес Општина Центар е општина каде што нема повеќе објекти што користат мазут или нафта за загревање што се под нејзина ингеренција.