Собранието нема двотретинско мнозинство за прогласување вонредна состојба, кажа собранискиот спикер Талат Џафери на денешниот брифинг со медиумите, додавајќи дека нема што да разговара за ултиматуми во пресрет на денешната средба најавена од премиерот Зоран Заев, на која треба да се бара начин за одблокирање на парламентот.

– Прашањето за вонредна состојба е регулирано со Уставот и ја предлага Владата или одреден број пратеници, а Собранието треба да ја изгласа со двотретинско мнозинство. Во дадениот момент ова мнозинство го немаме, тоа е сè што можам да кажам, но ќе се оградам од дебата дали треба или не. Ќе додадам само дека во 2020 имавме друга состојба, со распуштено Собрание, а сега тоа функционира во полн состав и имаме различна ситација – рече собранискиот спикер.

Одбивањето да разговара за ултиматуми се однесува на понудата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се свика собраниска седница со само четири точки за кризната состојба на јужната и северната граница и за антикризните мерки од петтиот пакет.

– Нема потреба од средба со пратеници од опозицијата која има ултимативни барања. Јас не работам според нечии желби туку според Деловникот. Се знае како се свикува седница, треба да се изготви материјал, да се постават точки на дневниот ред и да се свика. Јас немам деловничка можност ниту да свикувам, ниту да продолжувам седници, за сè има законска процедура – категоричен е Џафери.

Џафери кажа дека Мицкоски го дал истиот ултимативен предлог како и координаторот Никола Мицевски во понеделникот, кога тој ги одложи пленарните седници на неодредено време, додека мнозинството не обезбеди кворум. Џафери рече и дека мора да постои соодветна процедура за прогласување вонредна состојба, во врска со иницијативата што ја спомена премиерот Заев.