Фото: Маја Јаневска Илиева

На седум дена пред почетокот на пописот, јавноста и натаму си го поставува прашањето дали е можно истовремено да се одржи
квалитетен и безбеден попис. Или, со други зборови, како да се обезбеди масовен одзив на граѓаните за претстојниот попис, но да се обезбедат и максимална заштита и безбедност на попишувачите и на граѓаните, за квалитетно и ефикасно спроведување на целиот процес

СЕДУМ ДЕНА ДО ОФИЦИЈАЛНИОТ ПОЧЕТОК НА ПОПИСОТ

Точно на една недела пред почетокот на пописот, во јавноста и меѓу граѓаните и натаму има големи дилеми, нејаснотии, па и стравувања за тоа дали некои од граѓаните ќе ги отворат вратите на своите домови во услови кога ниту попишувачите се вакцинирани ниту, пак, населението, а сето тоа дополнително го наметнува прашањето и за успешноста и квалитетот на пописот во едни вакви услови.

Настрана од политичките препукувања меѓу власта и опозицијата за потребата за спроведување и одложување на пописот, најголемиот страв што постои кај граѓаните е токму од попишувачите, знаејќи дека во својот дом ќе мора да пуштат невакцинирани попишувачи, кои претходно посетиле десетина други домови, па макар биле облечени и во скафандери.
Без оглед на најавите од директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, дека ќе се почитуваат посебни здравствено-безбедносни протоколи при попишувањето, сепак останува ризикот од можна појава на пописен кластер, бидејќи и сега важат безбедносни протоколи за заштита од зараза во државава, а од ден на ден бројката на заболени вртоглаво расте и, како по правило, никој не знае како се заразил.
На почетокот од ДЗС најавуваа дека сите попишувачи ќе бидат вакцинирани, но како што државата лошо ја изменаџира ситуацијата со набавката на вакцини, така вакцинирањето се сведе на симболична бројка на оние најзасегнатите, медицинските лица.

Дополнително, ако поради страв од зараза дел од населението се одлучи да не се попишува, без оглед на заканите од надлежните со казни, тогаш се наметнува и дилемата колку ќе биде сеопфатен и квалитетен пописот ако нема целосни податоци за населението, на кое никој не може да му забележи што стравува за своето здравје во ситуација со која никогаш светот досега не се соочил.
Ако се земат предвид овие аспекти, тогаш на седум дена пред почетокот на пописот во земјава, освен обуката на попишувачите и попишувањето на дел од дијаспората, јавноста и натаму продолжува да си го поставува прашањето дали е можно истовремено да се одржи квалитетен и безбеден попис.
Првиот човек на ДЗС, Симовски, смета дека за попишувачите се донесени ригорозни препораки, но не отфрла можност некои од граѓаните со своето неодговорно однесување подоцна да се заразат.
– Комисијата за заразни болести многу внимателно ги разгледала сите можни ситуации и донела навистина ригорозни препораки. Тие препораки се преточени во одлука на Владата и наша обврска е да ги почитуваме. Но и граѓаните треба да ги почитуваат тие протоколи, бидејќи не вреди ништо ако попишувачот дојде маскиран целиот, не знам, со комбинезони на себе, со маска, ракавици, а ако граѓанинот шета без маска. Или, не можеме да гарантираме за неодговорно однесување на поединци по заминувањето на попишувачот ако отидат во кафеана и си седнат со друштво итн. – вели Симовски.
Микробиологот Никола Пановски вели дека требало малку да се причека со пописот за да се овозможи вакцинирање на попишувачите, со што би се намалил ефектот на страв кај населението.
– Подобро ќе беше ако попишувачите беа вакцинирани, најмногу поради стравот на населението. Има политички импликации целата работа, така што кога имате таква состојба, треба да направите сè што можете за да му го намалите стравот на народот – смета Пановски.

Според него, многу подобро ќе беше пописот да се одложи за потоплите месеци и со тоа да се овозможи период во кој би биле вакцинирани попишувачите.
– Друго ќе беше да се одложеше пописот за крајот на мај или јуни, па, еве, дури и септември не е лоша опција. Ова сега ќе биде само фрлање пари и нема да се добијат квалитетни податоци. Со вакцинирани попишувачи ќе го имаше оној психолошки момент кај луѓето дека пописот е безбеден – истакнува Пановски.
Тој додава дека пописот е дури побезбеден од секојдневното одење во продавница, но некој успеал да го уплаши народот.
– Потребна беше и кампања, па да се каже дека може да се попишува на тераса, на отворено, со отворен прозорец, на поголемо растојание, така што ќе се избегнеше стравот – заклучува микробиологот Пановски.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, го разбира стравот кај одредена постара популација во земјава за здравствениот аспект на пописот, но вели дека процесот е веќе започнат и тој треба да се одвива додека надлежните не одлучат поинаку.

– Активностите околу пописот одат тековно, донесениот Закон за попис мора да се почитува, а доколку Владата поради евентуална ескалација на здравствената криза одлучи поинаку, тогаш одлуката ја доставува до парламентот и таму се гласа дали ќе се одложи пописот – појаснува Герасимовски.
Според него, за да се добијат квалитетни пописни податоци и пописот да биде успешен, потребен е целосен опфат на резидентното население.
– Пописот бара целосен опфат во определен временски рок со критичен момент. Потребно е да се опфати целосно резидентното население за да биде пописот успешен, веродостоен и квалитетен. Се прават максимални напори и се апелира до населението да ѝ излезе во пресрет на ваквата акција, во која се трошат многу финансиски средства, подготовките траат пет години, така што да биде неуспешна е крајно некоректно – забележува Герасимовски.


На вага и стравот и казните?

Стравот кај граѓаните од евентуално заразување со ковид-19 при попишувањето го зголемува бројот на оние граѓани што се премислуваат дали ќе ги пуштат попишувачите во своите домови.
Од една страна, тие сметаат дека заканите со казни се спротивни на Законот за јавно здравје и Уставот, со кој на граѓаните им се гарантира правото да го штитат сопственото здравје, како и здравјето на своето семејство.
Поради тие причини се наметнува и дилемата дали воопшто има некаква основа да бидат казнети граѓаните во вакви несекојдневни услови.
– Не е проблемот дали некој ќе биде казнет или не, многу е лесно да казните поединец, ако не сака да даде податоци, и тоа ќе го направиме, да се разбереме, нема да простиме. Меѓутоа, целта не е да собереме казни, туку да собереме податоци – вели директорот на ДЗС, Апостол Симовски.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека во услови кога има пандемија и кога секојдневно растат бројките на новозаболени и починати од ковид-19, да се казнуваат граѓаните што нема да примат попишувачи е контрадикторно.
– Кога би имало малку нормална судска власт и нормална демократска атмосфера, со вистински зрели политичари, сигурно поинаку би изгледало сето ова. Во Законот за попис постои можност за санкција кон граѓаните што ќе одбијат да му дадат податоци на попишувачот, или, пак, кои нема да ја пуштат пописната комисија. Но, од друга страна, факт е дека сме во време на полициски час, дека сите активности се суспендирани токму поради пандемијата, се наоѓаме во пандемија, каде што постојано расте бројот на заразени и затекнати сме во една ненормална здравствена и секаква ситуација токму поради пандемијата, и сега да инсистирате токму на нешто што ви го загрозува здравјето, доаѓате во ситуација каде што власта е контрадикторна и постапува сама против своите мерки – вели Давидовиќ.