Со едноминутен молк членовите на Советот на oпштина Кисела Вода ја започнаа денешната вонредна седница свикана поради смртта на поранешната градоначалничка Билјана Беличанец. На седницата едногласно се донесе одлука утрешниот ден да биде прогласен за ден на жалост на територијата на општината.

Со одлуката се откажуват сите културни, спортски, забавни и други манифестации.

– Денеска на дневниот ред на седницата имаме само една точка, а тоа е утрешниот ден да биде прогласен за Ден на жалост во oпштина Кисела Вода по повод прераната смрт на поранешната градоначалничка Билјана Беличанец. Како претседател на овој мандат на Советот на oпштината, лично не ја познавав многу Билјана Беличанец. Неколку пати сме се сретнале, неколку пати сме поразговарале и мојот впечаток беше дека се работи за интересна и харизматична личност со многу идеи и желба да ги направи работите подобри. Врвна актерка, со богата биографија. Со нејзиното заминување загуби многу и македонскиот театар и нејзините колеги, актерите и публиката. Изгубивме сите ние. Од име на сите присутни тука, сакам до нив да упатам најдлабоко сочувство за нивната загуба- кажа пред присутните претседателот на Советот на oпштината, Дарио Шимиќ. 

Градоначалникот Филип Темелковски најави иницијатива за преименување на новоизградениот Дом на културата КВК во Билјана Беличанец.