Делегација што ги претставува жителите на населбата Бардовци денеска оствари средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

– Ние бардовчани сме револтирани од изградбата на прифатен центар за странци веднаш до нашите домови. Веќе втор месец протестираме пред институциите, пред Владата, или блокираме крстосници за да го кренеме својот глас и да порачаме дека мора да се сопре со изградбата и да се дислоцира Прифатниот центар за странци од Бардовци – посочила тричлената делегација на средбата.

Претставниците исто така истакнале дека ова е прва официјална средба на висок македонски политичар со нив во однос на спорното прашање.

– До сега од локалната и извршната власт не беа подготвени да слушнат за нашиот проблем. Ставени сме пред ѕид на молк и на неисполнување на барањата на цела една населба, во која живеат и многу амбасадори. Иако до сега се испратени официјални писма, барања за средба до премиерот, министерот за внатрешни работи, како директен корисник на објектот, до сите пратеници во Собранието, како и до сè уште актуелниот градоначалник на општина Карпош и до сите советници во Општината – се пожалиле тие.

На средбата со Пендаровски била презентирана актуелната состојба во однос на проблемот, односно дека се собрани повеќе од 1.700 потписи на граѓаните што се против изградбата на овој центар.

– Европската Унија финансиски ја поддржува изградбата на објектот со 1,5 милион евра. Договорен орган е Делегацијата на Европската Унија, a корисник е македонското Министерството за внатрешни работи. Господинот Пендаровски внимателно нè сослуша и ги разгледа аргументите што ги поседуваме. Беше договорено дека дополнително ќе го разгледа случајот и дека ќе реагира во рамките на можностите – велат од делегацијата по одржаниот состанок.