Во Градскиот парк граѓаните симболично ги доцртуваа забетонираните корења на дрвјата, ставајќи синџири и оставајќи пораки за слобода на зеленилото. Реализирајќи ја оваа герила-акција имаат цел да ги повикаат надлежните градски и општински власти да го отстранат бетонот што ги задушува корењата на повеќе од 1.000 дрвја на територијата на Скопје, но и низ другите градови во државата. „Кога не разбирате што ви се зборува, ќе мораме да ви нацртаме“, е пораката на граѓанските здруженија што се борат за здрава животна средина и чист воздух.

– Како градоначалник што раководи со Координативното тело на градоначалниците во градов, првиот човек на Скопје, Петре Шилегов, има можност, но и должност, да го постави ослободувањето на сите заробени дрвја како заедничка акција. Шилегов неодамна изјави дека само 187 од над 1.000 заробени дрвја во Скопје биле под нивна надлежност, но дури и од нив градот во период од шест месеци, ослободил само 20. Ефектот на една крошна од овие возрасни дрвја не се реплицира ниту со 100, ниту пак со 200 новозасадени – се наведува во соопштението на Институтот за комуникациски студии.

Според експертите од Шумарскиот факултет, дрвјата мора да бидат ослободени веднаш, бидејќи летните жештини и високите температури ќе придонесат за сушење на најмалку 200 до 300 повеќедецениски, во моментов, исклучително загрозени дрвја. Експертите додаваат дека од голема важност претставува градското зеленило затоа што го прочистува воздухот и ги апсорбира прашината и штетните гасови за 30, 40 проценти.

Во деловите со интензивно зеленило, загаденоста на воздухот е за два до трипати помала.

Градските паркови штитат од бучава, силно сонце и ветрови и ја регулираат температурата во населбите.