Општина Илинден интензивно работи на реализација на капиталниот проект „Изградба на фекална канализација и пречистителни станици”. Во тек е изградбата на нов колекторски систем во должина од 5000 метри, покрај Главниот отворен канал, којшто минува низ населените места Илинден и Марино, а ќе ги зафати отпадните фекални води што се испуштаат во одводниот канал.
Досега во рамки на реализација на проектот се изградени 2000 метри должина од колекторскиот систем, како и 53 шахти.
За реализација на Проектот за изградба на колекторскиот систем за фекална канализација се планирани 46 милиони денари, сопствени средства обезбедени од буџетот на општина Илинден.
Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски истакна дека изградбата на фекалната канализација со пречистителни станици е еден од приоритетите во стратешките цели на општина Илинден. Инвестирањето во комуналната инфраструктура е од витално значење за локалниот економски развој, унапредување и заштита на животната средина, како и подобрување на квалитетот на живеење.
Градоначалникот Жика Стојановски искажа искрена благодарност до граѓаните за нивната несебична поддршка во директната реализација на проектот на терен, како и благодарност до изведувачот на работите „Вардарградба“, затоа што и покрај актуелната состојба со Ковид 19, работните активности на изградбата на колекторскиот систем се одвиваат согласно предвидената динамика.
Паралелно со изградбата на колекторскиот систем ќе се отпочне и со изградба на пречистителна станица со капацитет од 2.500 еквивалент /жители. Овие модуларни пречистителни станици коишто се применуваат во општина Илинден, имаат можност да се прошират и надградат во зависност од потребата и капацитетот на канализацискиот систем.

Колекторскиот систем заедно со пречистителната станица треба да биде завршен до септември 2021 година и на него ќе имаат можност да се приклучат околу 1.130 домаќинства.