Фото: Приватна архива

Лекарите утврдуваат постоење на анемија преку разговор со пациентот за неговите тегоби (анамнеза), преглед на болниот и преку крвната слика. Крвната слика ни дава информација за бројот на еритроцитите (RBC), леукоцитите (WBC) – со диференцијална слика на поединечни фракции на леукоцитите, потоа бројот на тромбоцитите (PLT), вредноста на Хемоглобинот,(Hb), Хематокритот (Hct)

Автор: Д-р Симона Трајлевска

Анемијата или слабокрвноста, при која страдаат сите органи поради недостиг на кислород, се јавува во повеќе видови и може да биде наследна или стекната во текот на животот.

Причини за настанување на анемија:
Анемијата може да настане од повеќе фактори, најчесто тоа се:
• Намалена продукција на еритроцити заради:
-Недостаток од нутриенти (витамин Б12, фолна киселина, железо)
-Пореметување во синтезата на ниво на коскена срцевина
• Зголемено уништување на еритроцити
• Наследни, стекнати и идиопатски хемолитични анемии
• Губење на крв
-Акутно губење на крв заради повреди/оперативни зафати/заболувања
-Хронично губење на мали количини во подолг временски период (хронични ГИТ болести).

При недостиг на железото доаѓа до слабост, вртоглавица, бледило, брзо заморување, губење на здивот, кршлива коса и нокти, паѓање на косата. Во отсуство на железото, ткивата и органите не се доволно снабдени со кислород што доведува до хипоксија.
Железо-дефицитната (сидеропенична анемија) е најчеста анемија, се јавува во сите возрасни групи. Најчесто во пубертет, кај жени во репродуктивен период и бремени жени, кај потхранети лица и кај хроничните болни. Двете најчести причини за појава се: железо-дефицитна анемија заради недостаток на железо (пореметен внес и/или зголемена губиток) и железо-дефицитна анемија при хронични болести (хронични воспалителни процеси од различна етиологија). Односно, анемијата поради недостаток на железо се јавува како резултат на исцрпеност на резервите на железото во организмот.
Дијагнозата на анемија ја поставува докторот врз основа на крвната слика. Во зависност од степенот на анемијата, потребно е неколку месеци да се спроведува терапија за подобрување на крвта.

Дијагноза
Лекарите утврдуваат постоење на анемија преку разговор со пациентот за неговите тегоби (анамнеза), преглед на болниот и преку крвната слика. Крвната слика ни дава информација за бројот на еритроцитите (RBC), леукоцитите (WBC) – со диференцијална слика на поединечни фракции на леукоцитите, потоа бројот на тромбоцитите (PLT), вредноста на Хемоглобинот,(Hb), Хематокритот (Hct).
RBC – претставува број на еритроцити (англиски red blood cells). Хемоглобинот означен со скратеницата Hb, се наоѓа во еритроцитите и учествува во преносот на кислородот. Нивото на хемоглобинот е всушност определената количина на оваа белковина во вашата крв. Хематокритот или Hct, е процент на црвени крвни клетки во крвотокот. За анемија се смета состојбата кога нивото на Hb и Hct е паднато под нормалните вредности, поради што се јавува пореметување во функцијата на органите и системите со однапред наведените симптоми.

Која е улогата на железото во организмот?

И покрај малата содржина на железо во организмот, поради неговото значење тоа се смета за уникален микроелемент. Железото во хемоглобинот учествува во пренос на кислородот од белите дробови до сите клетки, ткива и органи во човечкиот организам. А како што на сите нам ни е познато, без кислород човекот не може да преживее ниту неколку минути. Тоа е така затоа што клетките не можат да си ја вршат својата работа без енергија, а енергијата ја добиваат како резултат на протечување на сложени биохемиски реакции кадешто КИСЛОРОДОТ има главна улога. Значи, нема кислород, нема биохемиска реакција, нема енергија, клетките не можат да работат.
Железото се внесува во организмот преку храната. Меѓутоа, апсорпцијата на железото зависи не само од тоа колку железо содржи продуктот, туку и од тоа колкав е степенот на усвојување на железото од тој продукт. Најпогоден извор на железо за организмот е месото од животни и птици, месни продукти, бубрег, црн дроб. Значително лошо се усвојува железото кое е присутно во растителните продукти. Комбинација на месо и зеленчук доведува до негово поголемо усвојување за околу 10-15% . Усвојувањето на железото од продуктите е поефективно во присуство на аскорбинската киселина (витамин С), лимонската киселина, фруктозата.

Кој има потреба од зголемено количество на железо?

Светската здравствена организација смета дека недостатокот на железо е најчест нутритивен дефицит во светот. Недостатокот на железо може да е е предизвикан од тешки крварења после операциите во кои многу крв е изгубено, кај обилни менструации, во бременоста, кај цревни заболувања во кои апсрпзијата на железо е намалена.
Вегетаријанците внесуваат железо само со намирници од растително потекло (житарици, тофу, грав, зеленчук). Бидејќи железото од растителни извори послабо се прифаќа, вегетаријанците треба да внесуваат двапати повеќе со исхраната отколку луѓето кои користат месо.
Недостатокот на железо се развива постепено, кога усвојувањето на железо од храната е помало од дневните потреби за истото. Резервите на железо во црниот дроб се намалуваат постепено, за тоа да се вградува во хемоглобин. Кога и резервите ќе се исцрпат, доаѓа до манифестација на анемија заради дефицит на железо.
Луѓето со оштетување на бубрезите, особено луѓето на дијализа, имаат зголемен ризик од развој на анемија, бидејќи бубрезите не произведуваат доволно еритропоетин, хормон кој влијае на формирањето на црвените крвни зрнца. Железото и еритропоетин може да се губат за време на дијализа. Витамин А овозможува да се мобилизира железо од резервите, а во отсуство на овој витамин постојните резерви во организмот не можат да се искористат.
Кај целијачна болест, Кронова болест и други заболувања на органите на дигестивниот тракт може да доведе до намаленото усвојување на железо.
Се верува дека спортистите и рекреативците, а особено жените кои тренираат интензивно, можат да имаат зголемена потреба за железо.

Во кои намирници има железо?

Железото релативно тешко се прифаќа, па потребно е да го додадете во доволни количини. Добри извори на железо се црвеното месо, црниот дроб, житарки, риба (скуша, сардини), јајца, грав, интегрален или црн леб, лиснат зелен зеленчук, суви кајсии, суви сливи. Купиновото вино, боровинките, копривата (капки), цвекло, спанаќ и какаото влијаат, исто така, на зголемувањето на нивото на железо. Копривата содржи железо, бакар, витамин Ц, ама и манган кои го стимулира ослободувањето на железото од депо.
Бидејќи витаминот Ц помага во усвојувањето на железото во организмот, а железото подобро да се апсорбира од храната, корисно е со оброците да се земат намирници богати со витамин Ц (салата од пиперки, домати, сок од портокал, сок од лимон).
Дали сте знаеле дека црниот и зелен чај содржат супстанции кои ја намалуваат апсорпцијата на железото, па тие треба да се земаат само помеѓу оброците, но не пред или после јадење.
Покрај исхраната железото може да се внесе во организмот и преку фармацевтстки препарати.

Фармацевтски препарати кои содржат железо може да бидат:
• Орални препарати (додатоци на исхрана кои содржат доза до 30 mg железо и лекови кои содржат доза над 30mg железо во својот состав).
• Парентерални (интра‐венски) препарати.
Повеќето орални препарати на железо често имаат несакани ефекти кои го отежнуваат или компромитираат третманот:
• Метален вкус во устата
• Гастро‐интестинален тракт: мачнина, гадење, болки во желудникот, пролив, запек
• Темно пребојување на слузницата и фецесот
Во поново време постојат нови орални форми на железо кои го комбинираат органското железо ( железо од животинско потекло ) со солите на железо. Ваквата форма ја зголемува апсорпцијата на железото до 40% и овозможува со помала доза да се постигне ист резултат, а да се избегнат несаканите ефекти кои ќе го отежнат или компромитираат третманот. На органското железо храната и млечните производи немаат влијание и поради тоа дополнително витамин Ц немора да се користи за подобрување на апсорпцијата на железото.