- ФИФА претстави претенденти за разни достигнувања (голови, настапи, победи, награди…), меѓу кои се на пример Куртоа, Дешан, Кејн, Мбапе, Меси, Модриќ, Рашфорд, Роналдо, Јамал…
На претстојното Светско првенство (СП), рекордно според бројот на учесници, 48 репрезентации, многу фудбалери и селектори може да соборат некои поединечни рекорди на мундијалите. Светската фудбалска федерација (ФИФА) претстави претенденти за разни рекорди.
– Највозрасен селектор досега на СП е Ото Рехагел (71 година), а во трка по тој рекорд е Мирослав Кубек (74). „Кралот“ Ото постави рекорд кога ја водеше Грција на мечот со Аргентина на Диего Марадона во 2010 година. Кубек ја презеде функцијата селектор на Чешка во декември и ја водеше до победи во плејофот на дуелите со Република Ирска и со Данска и до првото Светско првенство од 2006 година. Селекторот на Јужна Африка, Хуго Брос, ќе наполни 74 години за време на СП 2026.
– Највозрасен стрелец во нокаут-фазата е Пепе (39), а кандидати за нов рекорд се Кристијано Роналдо (41), Лука Модриќ (40) и Един Џеко (40).
– Најмногу настапи како селектор има Хелмут Шен (25 меча со селекцијата на Германија). Во трка за тоа достигнување е Дидие Дешан (19 средби). Шен го држи рекордот откако го одзеде од својот ментор Сеп Хербергер пред повеќе од 50 години. Дешан ќе го изедначи ако ја предводи Франција во четврт-финалето и ќе го собори ако одат еден чекор понатаму. На Дешан му се потребни три победи за да го собори рекордот на Шен и за селектор со најмногу победи на светските првенства.
– Најмлад добитник на „Златната топка“ е Бразилецот Роналдо, а повеќе фудбалери се во трка за тоа признание. „Феноменот“ имаше 21 година кога со неговиот неверојатен дриблинг, три асистенции и четири гола, блесна на СП 1998 во Франција. Играчи како Дезире Дуе, Нико Паз и Ламин Јамал се меѓу оние кои би можеле да го надминат Роналдо.
– Најмногу победи забележа Мирослав Клосе, 17, а најблиску до него е Лионел Меси со 16. Германецот го зграпчи рекордот од Кафу благодарение на волејот на Марио Геце на стадионот „Маракана“ на СП 2014. Меси би можел да го врати рекордот во Јужна Америка во групната фаза, каде што Аргентина игра со Алжир, Австрија и со Јордан.
– Најмногу голови досега постигна Мирослав Клосе, вкупно 16, а претенденти за тој рекорд се Лионел Меси (13), Килијан Мбапе (12)… Клосе го собори рекордот на Бразилецот Роналдо во неговата татковина и во победата на Германија со 7-1 на дуелот со Бразил во полуфиналето во 2014 година. Сепак, по тој рекорд во трка се Меси со 13 погодока, Мбапе, кој има еден помалку, а тој постигна 11 гола во претходните 11 настапи на СП. Огромен број на голови би можел да биде доволен и за Хари Кејн или за Кристијано Роналдо, кои имаат по осум погодока зад своето име.
– Најмногу настапи како резерва има Денилсон, 11, а најблиску до тој рекорд е Маркус Рашфорд со девет. Бразилскиот крилен напаѓач влезе во игра од клупата во 11 од неговите 12 настапи на СП. Англискиот напаѓач, пак, влезе како резерва во четири од неговите претходни шест меѓународни натпревари.
– Најмногу натпревари без примен гол одиграа голманите Питер Шилтон и Фабиен Бартез, по 10, а претендент за овој рекорд е Тибо Куртоа (седум). Англичанецот го држи овој рекорд од 1990 година, а Французинот го дели со него од 2006 година. Белгиецот ќе има шанса да ги достигне со дуелите со Египет, Иран и со Нов Зеланд во групата Г. Куртоа, кој има 15 настапи на СП, има пет помалку и од рекордот на Иго Лорис за најмногу настапи на еден голман на светските првенства.
– Најмногу голови со удар од надвор од шеснаесетникот постигна Ривелино (пет), а и во оваа категорија кандидат е Лионел Меси (четири). Бразилецот со силен удар постигна пет гола на 15 настапи, со удари од надвор од шеснаесетникот.
– Настап на најмногу изданија на светските шампионати имаат Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо, Рафа Маркез, Лотар Матеус, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, по пет, а во трка за нов рекорд годинава се Меси и Роналдо.
– Најмногу настапи во финални мечеви на СП има Кафу, три, а по двапати играа Килијан Мбапе и Лионел Меси. „Експресниот воз“ го претставуваше Бразил во одлучувачките натпревари за светските титули во 1994, 1998 и 2002 година, влегувајќи на местото на Жоржињо во првиот таков меч. Неговиот сонародник Пеле освои три титули светски првак, но поради повреда ја пропушти кулминацијата на СП 1962 во Чиле. Меси играше за Аргентина во финалињата во 2014 и 2022 година, а Мбапе за Франција на претходните два мундијала. Меси би можел да се изедначи со Пеле и да игра на финални натпревари со најголема временска разлика, 12 години.
– Постигнат хет-трик во најмногу изданија на СП има Габриел Батистута, на две, а кандидати за израмнување на тој рекорд се Хари Кејн, Килијан Мбапе, Гонсало Рамос и Кристијано Роналдо, кои постигнаа по три гола на еден меч на едно СП. Ако, пак, Мбапе постигне три гола во својот прв настап на СП 2026, со Сенегал, тој би се израмнил со Шандор Кочиш и со Герд Милер во постигнувањето хет-трик на два меча по ред на светските првенства. Н.М.






























