Фото: З.А.

Во присуство на голем број граѓани, денес пред споменикот во село Цер се одбележа 118 годишнината од погибијата на Христо Узунов и неговите соборци.
Пред споменикот на Узунов се поклонија почитувачите на животот и делото на големиот војвода, претставници на родниот град Охрид, од училиштата кои го носат неговото име, месните жители и многу други.

Од училиштето домаќин „Христо Узунов“ од село Другово беше изведена химната на Македонија, рецитал посветен на големиот војвода и прочитана песната посветена на големиот патриот.

Фото: З.А.

Реферат пред многубројните присутни прочита и професорката по историја, Виолета Петкоска.

-Денеска на овој ден кој за сите нас е тажен, треба да бидеме горди затоа што имаме сопствена држава, зборуваме на мајчин јазик и пишуваме на кирилично писмо. Треба да бидеме горди затоа што постоеле луѓе кои имале желба и цел да остварат автономија за да се дојде до конечно ослободување, слободата е нешто кое не тера да одиме напред без оглед на тоа колку жртви се дадени. Можеби овие зборови изгледаат премногу лесно изговорени но тешко е да се спроведат посебно кога сите различно слушаат. Да се обединиме еднаш околу таа кауза стара неколку векови. Да застанеме заеднички зад идејата на Христо Узунов со соборците за да не бидат залудни жртвите. Да учиме од историјата дека сме сите исти, бидејќи сме луѓе, да застанеме на човечка страна – меѓу другото рече Петкоска во својот говор.

Жителите на село Цер го оддржуваат споменот иако се поминати речиси 120 години.

-И после толку години спомените на овој настан нема да се избришат и ќе останат трајно врежани во нас и во генерациите кои допрва доаѓаат, како потсетник на едно време и показ како се брани и сака татковината – истакна претставник од селото.
З.А.