Фото: Министерство за европски прашања

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска учествуваше на бизнис-форумот „Македонија – Турција“ во Истанбул, каде што ја нагласи потребата од продлабочување на економската соработка и создавање нови партнерства меѓу двете земји, пренесе МИА.

Во своето обраќање, Сали истакна дека Македонија и Турција негуваат исклучително блиски и пријателски односи, изградени врз заемна доверба, почит и долгогодишно партнерство.

-Турција е еден од најзначајните економски партнери на нашата држава. Турските компании имаат важно присуство во индустријата, инфраструктурата, банкарството, образованието и туризмот, придонесувајќи за економскиот развој и отворањето нови работни места – соопштија од прес-службата на Министерството за европски прашања.

Осврнувајќи се на владините приоритети, министерот нагласи дека реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставуваат значајна можност за економски напредок и зајакнување на конкурентноста.

-Првпат европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во единствениот европски пазар. Тоа создава нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните – рече Сали.

Тој ги повика турските компании активно да ги искористат можностите што ги нудат ИПА-фондовите, Планот за раст на Европската Унија и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), оценувајќи дека тие претставуваат значаен инструмент за поттикнување на нови инвестиции и регионален развој.

Сали потсети дека Коридорите VIII и X остануваат стратешки инфраструктурни проекти од регионално значење, кои имаат потенцијал дополнително да ја унапредат поврзаноста и економската соработка во регионот.

Тој нагласи дека постои голем простор за продлабочување на соработката и во областа на обновливите извори на енергија, дигиталната трансформација, иновациите, современите технологии и производствениот сектор.

-Европската интеграција не е само политички процес, туку процес на модернизација, конкурентност и просперитет – порача Сали на бизнис-форумот во Истанбул.