Фото: Фб на Тимчо Муцунски

Турција останува еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија, а билатералната трговска размена меѓу двете земји минатата година достигнала една милијарда американски долари, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пренесе МИА.

Муцунски денеска учествуваше на бизнис-форумот „Македонија – Турција“, што се одржува во Истанбул и е посветен на унапредување на економските врски, трговската размена и инвестициската соработка меѓу двете земји.

-Турција е еден од нашите најважни економски и трговски партнери. Трговската размена минатата година достигна една милијарда американски долари, што претставува значаен резултат, но и поттик за уште поамбициозни цели во иднина – напиша Муцунски на својот профил на Фејсбук.

Во своето обраќање на форумот, тој нагласил дека економската дипломатија денес претставува суштински дел од надворешната политика.

-Пораката што ја упатив е јасна: економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика, туку нејзино јадро. Успешната дипломатија денес значи повеќе инвестиции, повеќе извоз, нови пазари и конкретни можности за компаниите и граѓаните – истакнал Муцунски.

Тој посочил дека улогата на владите е да создадат поволна рамка за развој и соработка, додека институциите треба да ги отвораат вратите за бизнис-заедницата.

-Компаниите се тие што создаваат вредност, работни места и резултати. Затоа е неопходно дополнително да ја зајакнеме директната соработка меѓу бизнис-заедниците и да поттикнеме нови партнерства – нагласил министерот.

Според него, постои значителен потенцијал за продлабочување на соработката во повеќе области, меѓу кои индустријата, информатичко-комуникациските технологии, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите.

Муцунски оцени дека посилната економска соработка меѓу Македонија и Турција не е важна само за двете држави, туку претставува придонес и за поголема поврзаност, конкурентност и развој на целиот регион.