Фото: З.А

По трет пат годинава петмина маратонци од кои тројца од Велес, Зоран Димов, Трајче Михов и Верољуб Додевски, Љубиша Андреиќ од Куманово и Томче Спасовски од Скопје, зедоа учество на ултра- маратонот кој од понеделникот до денес се реализираше на релација Велес- Лопушник, местото каде што пред 81 година, под се уште неразјаснети околности, загина творецот на „Бели Мугри“ Коста Солев-Рацин.

-Под слоганот „Трчаме за Рацин“ и годинава по трет пат го реализиравме ултра -маратонот, кој во понеделник изутрина стартуваше од Велес, а нашето патешествие го завршивме денес пред спомен обележјето на планината Лопушник и месноста Јама, каде што пред 81 година загина нашиот сограѓанин Коста Рацин. Во текот на овој ултра – маратон дневно поминувавме по 40 километри. Првиот ден стартувавме од Велес и вечерта завршивме во село Богомила. Вториот ден трчавме на релација Богомила – Барбарас – Македонски Брод, а во текот на вчерашниот ден го поминавме патот од Македонски Брод до село Извор кичевско и до манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“, а денес го истрчавме делот од патот до планината Лопушник. Во четирите дена имавме исклучително топло време што бараше од нас да вложиме голем напор, бидејќи поголемиот дел од патеката не беше под сенка – истакна Трајче Михов, еден од петмината маратонци.

Фото: З.А

Тимот маратонци предводен од градоначалникот Марко Колев, положија букети свежо цвеќе на спомен обележјето во месноста Јама и врвот Стог и повторно пеш се вратија во село Извор, од каде со организиран превоз го продолжија патот до Велес.

З.А