Од средината на јуни до средината на овој месец ЈКП „Комуналец“ Кичево превзема интензивна акција за поставување на хоризонтална сигнализација на сите сообраќајници во градот. Секој ден, кога не врне, се користи рационално за да може што повеќе сообраќајници ја добијат неопходната сигнализација пред шпицот на сезоната, кога интензитетот на сообраќајот во Кичево драстично се зголемува по доаѓањето на печалбарите од овој регион на годишен одмор во родниот крај.
-За да овозможиме што побезбедно одвивање на патничкот сообраќај во градот, презедовме интензивна акција за поставување на хоризонтална сигнализација на сите градски сообраќајници во Кичево. Бидејќи временската ситуација во поголем дел ни оди во прилог, настојуваме на што повеќе улици да извршиме обележување и со целосно завршена операција го дочекаме шпицот на сезоната кој почнува после 10 јули, кога во градот и општината доаѓаат на годишен одмор гастарбајтерите од овој регион и кога интензитетот на сообраќајот драстично ќе порасне – истакна Зендел Јонузи, директор на комуналното претпријатие.
Поставувањето на хоризонталната сигнализација во градот ја изведуваат вработени во претпријатието откако пред 6 години комуналното претпријатие набави опрема за поставување хоризонтална сигнализација и дека ќе нема потреба од ангажирање на компании од надвор, како што тоа беше случај во поранешните години и децении.
Покрај хоризонтално обележување на градските улици, поставена е и нова вертикална сигнализација на улиците на кои недостигаа сообраќајни знаци или на локации каде истите беа украдени или отстранети од неодговорни лица. З.А.