Вкупно 16 деца со пријавени труења годинава биле згрижени на детското одделение при Општата болница во Куманово. Најчесто станува збор за деца од две до четири години кои испиле лекови, детергенти или други средства за чистење.
Началничката на детското одделение, д-р Маргица Арсовска, вели дека најчести се труењата од лекови, но се регистрираат и случаи со средства за домаќинство, пестициди и растенија.
– Најчести кај нас се труењата од лекови, без разлика дали станува збор за антибиотици, седативи, лекови за срце или дијабетес. Потоа имаме средства во домаќинството, разни средства за чистење, пестициди, а имаме и деца што јадат растенија – вели Арсовска.
Таа апелира родителите лековите и хемикалиите да ги чуваат надвор од дофат на децата, во оригиналната амбалажа и на безбедно место.
При сомнеж за труење, детето треба што побрзо да биде однесено на лекар, а родителите со себе да ја понесат амбалажата од лекот или хемиското средство.
– Битно е родителот, ако се сомнева дека детето испило нешто, да го понесе шишенцето или кутијата од лекот, таблетата, да знаеме кој лек е испиен, приближната доза, колку останало во кутивчето и колку време поминало од моментот кога се сомневаат дека детето го испило. Тоа многу влијае во понатамошниот третман – објаснува Арсовска.
При труење со хемикалии и детергенти, родителите не треба самостојно да предизвикуваат повраќање, бидејќи тоа може дополнително да го оштети организмот, особено кај корозивни средства.
– Најважно е родителите да бидат внимателни и лековите и сите потенцијално опасни средства да ги чуваат подалеку од децата – порачува Арсовска.































