Фото: „Нова Македонија“

Охридското Езеро е прогласено за најубаво место во Европа за 2026 година во изборот на магазинот „Тајм аут“, оставајќи зад себе познати туристички дестинации како Сатурнија и Алберобело во Италија и норвешките фјордови.

Во изборот магазинот не се водел според популарноста на дестинациите, туку според препораките на својата мрежа од уредници и патописци, кои ги издвоиле местата што оставиле најсилен впечаток на нивните патувања.

„Тајм аут“ го опишува Охридското Езеро како една од најпотценетите европски дестинации и како помирна и подостапна алтернатива на езерото Комо. Според магазинот, Охрид нуди впечатливи природни пејзажи, но без метежот и високите цени карактеристични за некои од најпознатите европски езерски центри.

Во образложението се наведува дека Охридското Езеро, кое се протега меѓу Северна Македонија и Албанија, е едно од најстарите и најдлабоки природни езера во Европа. Кристално чистата вода, планините и историските населби долж брегот создаваат пејзаж споредлив со најпознатите европски езерски дестинации.

Посебно внимание е посветено на Охрид, кој магазинот го нарекува вистинска ѕвезда на македонската страна од езерото. Калдрмисаните улички, богатото културно наследство и средновековните цркви се издвоени како дел од атрактивноста на градот.

Меѓу највпечатливите локации е црквата „Свети Јован Канео“, од каде што се отвора панорамски поглед кон езерото. „Тајм аут“ им препорачува на посетителите да ја посетат во раните утрински часови, кога има помалку посетители и владее помирна атмосфера.

Магазинот ја издвојува и албанската страна на езерото, особено селото Лин, познато по мозаичните остатоци и камповите покрај брегот.

На листата на десетте најубави места во Европа за 2026 година се најдоа и Почитељ во Босна и Херцеговина, Кралската ботаничка градина во Лондон, каналот Принсенграхт во Амстердам, долината Мозел во Германија и „Каса Батљо“ во Барселона.