Организаторите ги повикаа граѓаните што имаат влезници за утрешниот концерт на Давид Гета навреме да ги заменат со алки и да пристигнат на Националната арена „Тодор Проески“ по отворањето на вратите во 17 часот.
Концертот е најавен за 19 часот, а поради ограничениот број влезови на стадионот, посетителите се повикуваат да не го одложуваат пристигнувањето за непосредно пред почетокот.
Сопственикот на „Авалон продукција“ и коорганизатор на настанот, Бобан Милошески, изјави дека замената на влезниците со алки е неопходна за да се избегнат долги задржувања при влегувањето.
– Доколку влезниците се проверуваат на самите влезови, тоа би одземало премногу време. Ова го знаеме од искуството со настаните во многу помали објекти, како што се „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“. Замената со алки е неопходна поради ограничената инфраструктура за влез на стадионот – рече Милошески.
Тој ги повика посетителите од Скопје уште денеска да ги заменат влезниците со алки.
– Ако 50.000 луѓе почнат да влегуваат во 20 часот наместо од 17 часот, ќе имаме сериозни тешкотии. Нема теоретска можност толкав број луѓе да му пристапат на стадионот и да влезат во период од два часа. За тоа се потребни најмалку четири до пет часа – нагласи Милошески.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека, во соработка со организаторот и со другите надлежни институции, се преземаат сите потребни мерки за безбедно одржување на концертот.
Началничката на униформираната полиција при МВР, Билјана Сарагинова, ги повика посетителите да ги почитуваат насоките на полициските службеници, редарската служба и организаторот.
На стадионот нема да биде дозволено внесување огнено и ладно оружје, експлозивни материи, ножеви, боксирачи, палки, стаклени шишиња, алкохолни пијалаци, лименки и други предмети што можат да ја загрозат безбедноста. Посетителите се повикуваат да не носат ниту големи ранци и торби, за да не се создаваат застои на влезовите.
Помошник-началникот на СВР Скопје, Љупчо Ѓурчевски, информира дека е изготвен посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на настанот.
– Предвиден е посебен сообраќаен режим на приодите кон Националната арена „Тодор Проески“ и на дел од булеварот „Илинден“, со цел граѓаните непречено и навреме да пристигнат на концертот – рече Ѓурчевски.
Давид Гета ќе настапи со продукцијата „Д монолит стадиум шоу“ (The Monolith Stadium Show). Концертот е завршен настан од музичката програма по повод 35 години од независноста на Македонија, подготвена од „Авалон продукција“ во соработка со Владата.






























