Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство неделава ќе поднесе иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата поради состојбите со откупот на земјоделските производи, најави министерот Борче Серафимовски.
Анализите на откупот на пиперката, оризовата арпа, грозјето од сортата вранец и на други земјоделски производи покажале дека е потребен поширок институционален одговор.
Покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги активира и другите законски механизми што му стојат на располагање.
– Врз основа на утврдените факти, во текот на оваа работна недела ќе доставиме образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Таа, како независен орган, ќе оцени дали постои основа за постапување во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи – истакна Серафимовски.
Тој нагласи дека состојбите со откупот нема да се разгледуваат само преку поединечни контроли на откупните пунктови, туку и преку анализирање на целокупното функционирање на пазарот.
Од Комисијата ќе биде побарано да утврди дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарната моќ или примена на нефер трговски практики кон земјоделските производители.
– Нема однапред да прогласуваме одговорност, но ќе ги мобилизираме сите расположливи институционални капацитети за фактите да бидат независно и стручно проверени – рече Серафимовски.
Пазарните услови, додаде тој, не смеат да бидат оправдување за непочитување на договорите, нетранспарентна класификација или префрлање на целиот ризик врз земјоделците.






























