Македонија да го искористи добивањето условена препорака како охрабрување и поттик за натамошно спроведување на реформите, порачуваат европратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан, а слична порака вчера упати и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

И еврокомесарот за проширување Јоханес Хан укажа на потребата од продолжување на реформите, посебно во делот на владеењето на правото и слободата на медиумите.

Европската комисија, пак, соопшти дека паралелно со подготовките за почеток на преговорите, ќе продолжи да поддржува опипливи и одржливи резултати, особено во областа на судството, борбата против корупцијата и јавната админстрација.

– Македонија треба да го сфати ова како охрабрување. Можеби подолго чекаа, но со оглед на условите и на ситуацијата во ЕУ мислам дека ова е позитивна одлука, зборува на конкретен начин за следниот јуни и е поттик да се продолжи со реформите. Позитивно е што реформите ќе бидат мониторирани од Комисијата – истакна Кукан за МИА.

Според Вајгл, Македонија доби гаранции дека влегува во процесот на приближување кон ЕУ и треба да се искористи времето што ќе помине до формалниот почеток на преговори во 2019 за интензивна работа врз економските и општествените реформи.

– Се работи за урамнотежен текст кој ги одразува напорите направени од страна на оваа земја и напорите кои останува да се направат. Со еден збор да кажам, „напред, одете само напред“ – е оценката за условената препорака што ја изнесе францускиот амбасадор Тимоние пред промоцијата на книгата „Европа, нашиот заеднички дом“.

Во обраќањето на РОС-РОТ семинарот што се одржува во Собранието на Република Македонија, премиерот Зоран Заев вчера напомена дека одлуката за почеток на преговорите со ЕУ е мотивирачка и дава стимул земјава да продолжи понатаму. Македонија, освен на решавањето на спорот со името, ќе работи, рече Заев, и на спроведување на реформите што од неа ги бараат ЕУ и НАТО за што има и општествен консензус.

– Одлуката на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург е јасен патоказ за иднината на Македонија, ни дава стимул да продолжиме понатаму – потенцира премиерот.

Европската Комисија ја информира јавноста дека по заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ за условен старт на преговори со Македонија и Албанија, ќе почнат подговотовките за тие преговори.

– ЕК сега ја почнува работата на подготовки, како што стои во заклучоците на Советот, и ќе продолжи да поддржува опипливи и одржливи резултати, особено во областа на судството, борбата против корупција и јавната админстрација кои имаат голем импакт врз секојдневниот живот на граѓаните – рече портпаролот на Европската Комисија Маргаритис Шинас.

Според завчерашната одлука на Советот на ЕУ, со исполнување на поставените услови Македонија и Албанија ќе можат да почнат преговори за членство во јуни 2019 година.