Фото: Игор Бансколиев

АНАЛИЗА: Читателската публика со најголема доверба кон печатените медиуми

Напливот на лажни вести, недоволно истражени содржини и теми што директно ги засегаат граѓаните, беспоштедната трка по кликови, несигурноста на дигиталните содржини, ги враќаат традиционалните медиуми, пред сè весниците, на голема врата во информативниот простор.
Неодамнешно истражување на „Галуп“ покажа дека висок процент од Американците се изјасниле дека веруваат оти традиционалните медиуми известуваат целосно, точно и непристрасно. Довербата во овие медиуми расте и во Европа. Овој процент од година на година се зголемува и е со тенденција за кратко време да стигне до 70 отсто доверба во печатените медиуми, нешто што беше карактеристично за 70-тите години на минатиот век, периодот пред појавата на електронските медиуми. Потоа овој процент се намалуваше, но не поради ниска доверба во весниците, колку поради налетот на една нова млада генерација што ја сакаше информацијата на екран на мобилниот телефон, сочни и бомбастични наслови, евтина содржина лесна за соџвакување…
Тоа иницираше цунами на електронски медиуми, портали, социјални мрежи, кои одеднаш во трката за реклами станаа масовни медиуми за пласирање секакви информации, вклучувајќи и на вести. Големиот интерес и трката по кликови и реклами доведоа до тоа содржините на ваквите дигитални онлајн платформи да бидат често без некаква посебна тежина, да не се загатнуваат круцијални општествени теми.
Тоа информациско мешетарење траеше повеќе години кога стана јасно дека употребата на лажни вести и информации стана важна алатка за пресметка со политичките неистомисленици, за бизнис-манипулации, за пласирање тенденциозни содржини, така што во еден момент читателската публика почна да се прашува што е вистина, а што лага.
Од тој момент како чашата да се прелеа и довербата во весниците повторно почна да се враќа, бидејќи таа нова „дигитална“ читателска публика почна да бара релевантни и докажани извори на информации, кои не ги пласира некој анонимус зад тастатурата, туку докажана, професионална новинарска екипа со своја адреса и кредибилитет. Така, весниците и печатените изданија повторно почнаа да се искачуваат кон врвот и да стануваат сѐ попривлечни и порелевантни за читателската публика.
И „Нова Македонија“ е пример за печатен медиум што растеше заедно со македонската држава, кој го информираше македонското општество низ годините, креираше мислење, кое во многу наврати стануваше општествена позиција по многу прашања.
И што е најважно, сите овие содржини во печатените медиуми остануваат архивирани и зачувани за генерации и генерации, кои подоцна можат да добијат вистинска слика за едно време и едно живеење, за една вистинска историја на еден народ и една држава.
За оние што трагаат по вистинска и точна информација весникот е тука неприкосновен и повторно се потврдува дека се враќа неговата главна општествена улога, да биде коректор на политиките и креатор на јавното мислење.
Традиционалните медиуми се главните коректори на секоја власт, на секоја политика, државна стратегија, на националните интереси, тие се првите на браникот на одбраната на својата држава.
Како и да е, во време на историски случувања на глобално ниво токму весниците се тие што ќе го понесат товарот на навремено и точно информирање на граѓаните, за да се избегнат секакви манипулации и ширење лажни вести, кои лесно можат и најмалата искра да ја претворат во оган.
Впрочем, тоа е заветот на кој се обврзал секој новинар и од него не смее никогаш да отстапи. Во борба за вистината и само вистината, отпечатена и ставена на хартија, да трае вечно.