Фото: Илустрација/Архива

Дали граѓаните повеќе се плашат од сезонскиот грип отколку од коронавирусот? Дали имаат повеќе доверба во вакцините против грип отколку во тие против коронавирусот?

Интересот за вакцина против сезонски грип расте, стравот од вакцинирањето против
коронавирусот исчезна

Ќе биде ли стабилна клиничката ковид-слика во зимата што претстои?
Кои се поголеми ризици, сезонскиот грип или коронавирусот?
На почетокот од оваа сезона, граѓаните поголема претпазливост покажуваат кон ризикот од сезонскиот грип отколку од можноста да се заразат со ковид-19.
Според податоците на Министерството за здравство, постои интерес за вакцинација против сезонски грип. За вакцинација против ковид-19 се реализира карван низ повеќе градови низ земјата.
Дали граѓаните повеќе се плашат од сезонскиот грип отколку од коронавирусот? Дали имаат повеќе доверба во вакцините против грип отколку во тие против коронавирусот?
Микробиологот Никола Пановски вели дека засега не е голем бројот на пријавени граѓани за вакцинација против сезонски грип, но дека во следниот месец тој број ќе се зголеми.
– Секако дека граѓаните имаат поголема доверба во вакцините против грип. Дел од нив се вакцинираат веќе со години. Тие вакцини се сметаат за поиспитани и нема пропаганда против нив. Кога сме кај ковид-19, голем дел од граѓаните го прележаа, а и тие што сакаа веќе и се вакцинираа. Вакцинацијата против ковид-19 веќе подолго време е во стагнација, иако ковид-19 сѐ уште е двојно посмртоносен од грипот – заклучува Пановски.
Тој во повеќе наврати има посочено и дека додека болниците се празни и нема висок број хоспитализирани и нема смртни случаи што настанале како последица од ковид-19 нема потреба од паника, како и од воведување мерки за заштита од ширење на вирусот.
Изминатите два месеца, дневните ковид-статистики не надминуваа повеќе од 100 лица позитивни на ковид-19.

СЗО: Сѐ уште не е време за опуштање

Светската здравствена организација (СЗО), пак, ја повика Европа да биде внимателна пред зимата поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот и со сезонскиот грип.
– Ова не е време за опуштање – рече регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, на онлајн прес-конференција.
На почетокот на есента, Европскиот Регион, кој опфаќа 53 земји, повторно беше епицентар на епидемијата на коронавирусот, а во исто време беше забележана и сезонска инфекција со грип.
– Вакцинацијата останува една од нашите најефективни алатки против грип и против коронавирусот – рече Клуге.

Над 30 илјади граѓани ќе се вакцинираат против сезонски грип

Од Министерството за здравство велат дека од 19 октомври годинава почнала бесплатната вакцинацијата против сезонски грип за ризичните групи население во центрите за јавно здравје низ државата и нивните подрачни единици по градовите.
– За два дена, вакцина против грип примиле над 8.500 лица, а над 30 илјади граѓани се пријавени преку страницата вакцинација.мк – велат оттаму.
Обезбедени се 40 илјади вакцини против сезонски грип за ранливите групи население, со можност да се набават дополнителни количества доколку има потреба.
Станува збор за четиритипна вакцина против сезонски грип, од компанијата „Абот“ од Холандија.
– Потсетуваме дека бесплатната вакцинација против сезонски грип е незадолжителна, наменета за постари лица од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години – посочуваат од ресорното министерство.

Карван за вакцинација против ковид-19

Во однос на прашањето за ковид-вакцинирани, во согласност со последниот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 16.10.2022 година, вакцинирани се вкупно 875.777 лица со една доза вакцина против ковид-19 во државата и во странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 856.865 лица.
– Со цел промоција на имунизацијата во земјава, Министерството за здравство, во соработка со СЗО, УСАИД и УНИЦЕФ, неделава почнаа со информативен карван за важноста на вакцинација, што се одвива под мотото „Заштитени заедно – вакцините делуваат“ во повеќе општини низ државата – велат од министерството.
Карванот почна неодамна од Куманово, Черкези и од Старо Нагоричани.
Досега во земјата се направени вкупно 2.180.622 тестирања на ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 343.927, бројот на оздравени пациенти е 334.129, на починати е 9.561, а бројот на активни случаи изнесува 237 лица.