Фото: Игор Бансколиев / Архива

ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ ЗАТРУПАНИ ПОРАДИ ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА

Поголеми чекања и задржувања на граничниот премин Табановце има главно кај протокот на патнички возила, во екот на туристичката сезона, кога се регистрира неколкукратно зголемување на бројот на патнички возила. Времето за нивно задржување е нужното време за спроведување на пасошката контрола од страна на граничните полиции. Влезот на сите возила, вклучувајќи го и влезот на товарните возила, е без прекин на граничниот премин, каде што фреквенцијата на возила е зголемена за влез на патнички возила и автобуси поради туристичката сезона. Ова е одговорот од Царинската управа на Македонија во врска со забелешките на граѓаните и претставници на транспортните превозници, кои реагираа поради подолгото чекање за влез во нашата земја. Како што пишувавме во вчерашниот број на „Нова Македонија“, камионските превозници посочија на редица проблеми со кои се соочуваат во врска со функционирањето на т.н. лента за Отворен Балкан. Наместо Отворен Балкан, се соочивме со затворени граници, реагираат нашите соговорници.
Од Царинската управа, пак, информираат дека во согласност со договорот за „One-stop shop“ со Република Србија, контролата на патните исправи на возачите од товарни моторни возила и од возачите од патнички моторни возила и автобуси се врши со едно застанување на влез во државата на граничниот премин Табановце – автопат, од страна на полициските службеници од двете држави.

– Влезот на товарните возила се врши на точно определените две ленти, од кои едната е за приоритетно влегување на товарни возила од земјите од иницијативата Отворен Балкан, и тоа за сите области и постапки за кои е договорена соработка меѓи трите земји во делот на протокот на стоки. Дополнително има и уште една лента за автобуси и пет ленти за патнички возила, колку што е и максималниот капацитет на преминот. Заради дополнителни олеснувања, намалување на времето на завршување на пасошките контроли и зголемување на протокот на патнички возила и патници, во наредните денови ќе бидат оспособени уште две ленти за влез, кои пред воспоставувањето на „One-stop shop“ беа наменети за излез. Со тоа во функција ќе бидат вкупно десет ленти, што би значело и значително зголемување на капацитетот – велат од Царинската управа на Македонија.
Заради следење на протокот на стоки во рамките на иницијативата Отворен Балкан, од Стопанската комора спроведуваат и едномесечен мониторинг на работата на граничниот премин Табановце. Во периодот од јули годинава биле констатирани неколку технички проблеми на овој премин,
– Нивните констатирани состојби се повеќе од технички карактер, како што е наведено, а тоа се однесува првенствено на повремени прекини на електрична енергија. Повремените прекини на струја се констатирани на сите институции н присутни на Табановце, вклучувајќи ги и шпедициите што работат на преминот, и се премостува проблемот со користење поставен агрегат на самиот премин.

Од ЕВН нѐ информираа дека работат на поставување нова трафостаница, со што ќе се надмине овој проблем на повремени прекини во снабдувањето со енергија. Во делот на иницијативата Отворен Балкан за товарниот сообраќај, протокот на стоки функционира континуирано и непречено, во согласност со договорите на трите земји – нагласуваат од Царинската управа.
Забелешките на камионските превозници, како што информиравме, се однесуваат и на одлуката за забрана за преминување на границата за транспортните возила за време на викендите. Од здружението на камионски превозници „Макам-транс“ сметаат дека како држава сѐ уште не сме подготвени за спроведување посебни режими за товарниот сообраќај.
– Не располагаме со посебни паркинг-места на кои камионите можат да престојуваат подолго време, а возачите да можат да се одморат на овие горештини. Потребни се целосни системски промени за да се овозможи побрз проток на стоки во земјите од регионот – ни изјави Билјана Муратовска од здружението на македонски товарни превозници. М.Ј.