Говорот на омраза прераснува во акции на насилство

Македонските туристи и годинава традиционално во голем број се упатија кон Грција за да го минат летниот одмор, да ги доживеат летните задоволства како најблиска морска дестинација. Но деновите на сонце, море и релаксација на многумина наши сограѓани им преседнаа со глетката на нивните уништени автомобили.

Грчко добредојде за македонските туристи – искршени автомобили и дупнати гуми

Македонските туристи и годинава традиционално во голем број се упатија кон Грција за да го минат летниот одмор, да ги доживеат летните задоволства како најблиска морска дестинација. Но деновите на сонце, море и релаксација на многумина наши сограѓани им преседнаа со глетката на нивните уништени автомобили.
Дваесетина возила со македонски регистарски таблички биле оштетени (искршени стакла, дупнати гуми, удрена каросерија…) во текот на изминативе два дена во Калитеа и во Афитос, на првиот крак на полуостровот Халкидики.
Во редакцијата се јавија повеќе граѓани, кои алармираа за немили настани на повеќе локации. И на социјалните мрежи се појавија фотографии од автомобили со искршени стакла и дупнати гуми. На фотографиите се гледаат демолирани патнички моторни возила, а на два автомобила се гледаат и регистарските таблички на возилата, кои се од Битола.

Наместо топло добредојде, демонстрација на насилство и омраза

Јавноста со право е згрозена од ваквите слики, бидејќи за многумина тоа е најобична демонстрација на насилство, пораки на омраза, уште една потврда дека македонските туристи не се добредојдени во Грција. Повеќемина што јавија да ја алармираат македонската јавност, коментираат со длабока доза разочараност и (неосновано) генерализираат дека „Грците не нѐ уважуваат и не нѐ посакуваат дури ни како туристи“?!
Но, се разбира, не мислат сите така. На фејсбук-групата „Грција во живо“, наменета за информации за српските туристи што се на одмор во Грција, еден член ја сподели оваа информација со други, за да ги информира за инцидентот. „Ова е срамен чин на најобични будали, врз основа на кој цел еден народ ќе биде окарактеризиран како таков“, гласи еден од коментарите на фејсбук-групата, кој исто така наиде на поддржувачи. Во секој случај, ситуацијата не треба да се генерализира и да се донесуваат избрзани заклучоци. Би било многу клучно кога надлежните институции во Грција експресно би го решиле инцидентот, за да не се добие впечаток дека тие замижуваат (и ги толерираат) ваквите случаи.

Грција не ги тргна ниту срамните патокази „Скопиа“ на излезот од обиколницата на Солун

Токму во врска со тоа, пред грчките надлежни служби се наметнува императивот за преземање засилени мерки од страна на институциите за да не остават простор за никакво сомневање дека е тоа оркестрирана акција.
Впрочем, доколку порано и постоеле одредени случаи кога вакви и слични инциденти биле окарактеризирани како политички мотивирани, во новонастаната ситуација, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, најмалку што може да се очекува е да се случи нешто такво денес. Македонија со своите постапки секојдневно потврдува дека стриктно, па дури и повеќе од бараното, се придржува до договорот. Иако, како што сведочат и последните фотографии од спорната локација, Грција не ги тргна ниту срамните патокази „Скопиа“ на излезот од обиколницата на Солун, како прв, симболичен гест дека ги почитува договорот и соседот, но тоа е веќе друга приказна.
А што се однесува до инцидентот со оштетените македонски возила на Халкидики, на групата на Фејсбук каде што беа објавени нивните фотографии, една видно вознемирена членка им објасни на другите што да прават ако еден од овие автомобили е нивен.
„Ако некој од вас е меѓу нив, веднаш појдете во полиција во Касандра, многумина веќе пријавиле и инсистирајате да ги погледнат камерите на целиот пат бидејќи тоа не се случило на едно место, туку на неколку локации“, напиша таа, предупредувајќи ги оние што се во близината на овие места да ги преместуваат своите автомобили за да ги заштитат. Н.М.