Фото: Маја Јаневска Илиева

Како новоформираното бугарско здружение за култура, образование и традиции „Балкански мост“ ги вознемири битолската и македонската јавност

Иако пред новогодишните и за време на новогодишните празници од страна на локалната самоуправа на Битола и разни институции, компании, синдикати… беа поделени илјадници новогодишни пакетчиња за дечињата, неколкуте подарени новогодишни ќесиња за децата од здружението „Хармоничен свет“ и за Домот за деца без родители во Битола, од страна на новоформираното бугарско здружение за култура, образование и традиции „Балкански мост“ ги вознемирија битолската и македонската јавност.
Здружението од Битола „Хармоничен свет“ и Домот за доенчиња иако и порано добивале донации и разноразни подароци, сепак ниту една претходна донација не предизвика толку голем интерес како најновата на здружението „Балкански мост“, зад кое стои познатиот бугарски бизнисмен и „политички филантроп“ Милен Врабевски, кој на битолската и на македонската јавност им стана познат по влегувањето на голема врата во меѓународниот управен одбор на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“.

Старите рекле на подароците не треба да им се гледа во забите, но дали е
баш така?

И навистина, доколку новоформираното бугарско здружение во Битола „Балкански мост“ (кое патем споменато до пред неколку дена беше анонимно и буквално непознато за битолската јавност, без адреса или седиште) нема некоја друга заднина, не треба да има ништо лошо во тоа што претставниците на ова здружение им донираа по неколку новогодишни пакетчиња на децата од здружението „Хармоничен свет“ и од Домот за деца без родители.
Интересно е дека иако пред тоа имаа примено и други донации од здружението „Балкански мост“ за кои тие самите си објавуваа текстови и слики на нивната фејсбук-страница, сепак најновата реакција на јавноста изгледа дури ги вознемири и членовите на здружението „Хармоничен свет“. Тие во вчерашниот демант им се заканија на сите портали што ја објавија веста за донацијата и што објавија нивни слики од настанот дури и со тужби доколку не ги избришат сликите преземени од нивната фејсбук-страница и не им се извинат на членовите на здружението.

Битолчани гледаат со недоверба во „донациите“

Но треба да се истакне уште еднаш дека по сето она што се случи со клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, битолчани на случувањата во бугарските здруженија гледаат со огромна резерва и недоверба. Особено ако се земе предвид дека граѓаните и самите беа сведоци кога во Битола во присуство на целиот државен врв на Софија се отвори бугарскиот „културен“ центар „Ванчо Михајлов“, па сега со право се прашуваат кои се вистинските намери на новоформираното здружение „Балкански мост“ зад кое стои Врабевски.
Првиот човек на фондацијата „Бугарска памет“, Милен Врабевски, кој во јавноста се прикажува како голем „филантроп“ и кој преку бугарските здруженија зад кои стои тој, наводно, сака да ги промовира културните, образовните и другите вредности на двата народа, доста често знае да излезе во јавноста со сосема спротивни ставови и небулозни изјави дека тој преку здруженијата што ги формира и зад кои стои ќе ги промовира и наметне бугарските политики, кои во основа ги негираат темелите на македонската држава.
Во една пригода тој изјави дека има намера да формира над дваесетина здруженија во Македонија каде што ќе се промовираат политиките на официјална Софија. Тој само што стана член на меѓународниот УО на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ ја доби наградата „Мецена на годината“, највисокото признание што дотогаш никој го немаше добиено.
Иако зад одржувањето на „Малиот битолски Монмартр“ и зад Детското ликовно студио застанаа и Општина Битола, Министерството за култура и голем број битолски фирми и компании, нивната помош беше безмалку маргинализирана, а само финансиската помош на Врабевски беше глорификувана.
– Благодарение на финансиската помош на д-р Врабевски во мај во нашата западна сосетка беа одржани двата најголеми настани за млади уметници во светот – „Малиот битолски Монмартр“ и светската детска ликовна изложба „Битола“. Претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“ донираше речиси 18.000 евра за да можат 120 учесници од 13 земји да ја посетат Македонија како дел од уметничките настани. Така тие за уште една година ја претворија нашата западна сосетка во светски центар на детската уметност – напишаа тогаш од фондацијата „Бугарска памет“.
Ако Милен Врабевски се залага за подобрување на односите со Македонија, тој досега можеше во многу наврати да го покаже тоа. Но тој сака со ситни подароци да прави крупни политички провокации.
За тоа какви се правата на Македонците во Бугарија македонските граѓани не само во Македонија туку и во Бугарија можеа да се уверат кога се формира македонското здружение „Никола Вапцаров“
Ниту Врабевски, ниту неговата фондација „Бугарска памет“, ниту здружението зад кое стои тој „Балкански мост“ досега не прозбореле ни збор за да покажат сигнал со кој се противат на негирањето на Македонците во Бугарија.
Со децении македонските клубови во Бугарија се изложени на постојани негирања и разни напади.
Во „европска“ Бугарија никогаш не се спроведуваат европските судски пресуди за кои се избориле македонските клубови или ОМО „Илинден“.
Токму затоа граѓаните на Битола се скептични кога Милен Врабевски и неговите истомисленици отвораат разноразни здруженија, кои, наводно, се залагаат за воспоставување мостови за соработка и зближување на двата народа, кои барем досега се покажа дека служат само за еднострано негирање на Македонија како држава, на која токму Бугарија ѝ стави вето за преговорите за влез во ЕУ.
Затоа многумина ги сметаат подароците што доаѓаат од Врабевски за данајски.