Вицепремиерот за политички систем Артан Груби објави фотографии од синоќешниот мировен фестивал што го организира на плоштадот „Скендербег“, по повод 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Ова е прва година како се организира фестивалот, а од Министерството за политички систем најавија дека се стремат да го претворат во годишен фестивал за славење на еднаквоста, мирот и интеграцијата.
На 13 август 2002 година, во претседателската вила, на документот што му стави крај на оружениот конфликт, свој параф ставија тогашниот претседател Борис Трајковски, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, како и првиот човек на ДПА, Арбен Џафери. На потпишувањето присуствуваа и претставници на САД и на ЕУ.
Во основните начела на Охридскиот договор се вели дека употребата на насилството заради постигнување политички цели се отфрла целосно и безусловно. На ова начело денеска потсети и шефот на државата, Стево Пендаровски, додавајќи дека клучните придобивки од Охридскиот договор се зачувувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата.
Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани, мораме секогаш пред очи да имаме еден од основните принципи на рамковниот договор, со кој употребата на насилство заради постигнување политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина – рече Стево Пендаровски.
Честитки упатија и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот Димитар Ковачевски.
Од Алијанса за Албанците велат дека Охридскиот договор имал цел да обезбеди рамноправност меѓу етничките заедници и развој на државата, но по 21 година целта сè уште не е постигната кај ниту еден од столбовите на овој документ.