Фото: Игор Бансколиев

Пратениците од сите пратенички групи имаат одговорност пред граѓаните, наместо со блокади и деструкции, преку аргументи и конструктивност да дадат придонес при усвојувањето на заклучоците околу предлогот на француското претседателство, порачуваат од владејачката СДСМ.

Оттаму напоменуваат дека „преку заклучоците, дополнително ќе се обврзе Владата актуелната но и секој идна Влада, да ги зачува црвените линии во согласност со Декларацијата донесена во Собранието,а тоа е зачувувањето на македонскиот јазик, без фусноти, додавки како и македонскиот идентитет и посебноста на државата кои не смеат да бидат дел од преговарачката рамка“.

– Членството во Европската Унија е стратешка цел на државата, пратениците во Собранието преку усвојувањето на заклучоците имаат шанса пред целата домашна и меѓународна јавност да докажат дали се навистина за интеграција во ЕУ или побитно им е да одработуваат за нечии туѓи интереси – се вели во соопштението на партијата.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека власта ја игнорира волјата на граѓаните.

– Очигледно власта решила да ја игнорира волјата на граѓаните. Тие ги игнорираат и интелектуалците и експертите по евроинтегративните прашања и сите оние кои им говорат дека содржината на предлог преговарачката рамка е крајно неповолна за Македонија и води кон две можни сценарија, или вечни преговори или асимилација – се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека Ковачевски и Османи се одлучиле со просто мнозинство, макар тоа биле 41 партеник да направат собраниска фарса, со цел да прикажат некаква транспарентност. Тоа што ќе се случува сега во оваа фаза во Собранието ќе биде информација, која суштински нема да делува на процесот, бидејќи процесот сега зависи од Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека важно е пратениците на СДСМ и другите партии од власта да бидат рационални и да ја сфатат штетноста за македонските евроинтеграции од еден ваков предлог на долг рок и да пркосат на уцените и диктатите, но и притисоците на партиските челници, кои немаат ништо заедничко со демократските и европските вредности.

Така ќе покажат дека Македонија им е поважна од било каква партиска наредба.

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија ги става националните и државните интереси пред партиските и затоа ги повикува пратениците од СДСМ да гласаат против предлот, а ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од барањето на предвремени избори и доколку треба ќе поддржи опстојување на оваа власта, макар и како малцинска.

Да не дозволиме Македонија да биде уценета, да покажеме дека националните и државните интереси се поважни од се, да кажеме Ултиматум-Не благодарам, се вели во соопштението.