Изложбата „Полска школа на колаж“ со дела од светски познатите уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер ќе биде отворена утревечер, во 20.30 часот, во МСУ-Скопје. Алтхамер и Жмијевски, полскиот уметнички тандем, изминативе две недели беа ексклузивни гости на Музејот на современата уметност – Скопје, каде што во една од салите на музејот создаваа нови дела.
Куратор на проектот е Владимир Јанчевски. Возбудливо беше да се посведочи на нивниот колаборативен процес на работа, насловен „Отворено студио“, во чии рамки уметниците ги создадоа делата што ќе бидат изложени на претстојната изложба. Станува збор за триесетина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони… Изложбата ќе биде отворена до 25 август 2022 година.
Голем куриозитет е што дел од делата ќе му ги подарат на музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуализира донацијата на дела од светски познати автори.

– Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност му го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници) – истакнуваат од МСУ.
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник што живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Тој го снима нивното секојдневие, покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник што живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници.