Во рамките на годинашната програма на „Синедејс“, мастерклас имаше Џон Џост, еден од најплодните и најзначајни американски филмски автори. Неговите филмови се прикажувани на фестивали како Берлинале, Филмскиот фестивал во Карлови Вари, „Санденс“ и други. Чест гостин е на кинотеки и музеи низ светот, па во јануари 1991 година во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк е прикажана ретроспектива на неговото дотогашно творештво. На мастеркласот се дискутираа и анализираа примери од различни фази на творештвото на Џост, како и извадоци од други филмски дела, со цел да се одговори на насловното прашање на мастеркласот: Што е филм и што може да биде тоа?
Џон Џост има снимено 41 долгометражен филм во периодот 1963-2013 година, како и повеќе од 30 краткометражни филмови, кои сите ги има сам осмислено, напишано, снимено, режирано и монтирано; повеќето и продуцирано. Од 1996 година работи само во дигитално видео, завршувајќи 24 долгометражни и многу краткометражни дела, како и една голема инсталација на седум екрани претставена во Карлсруе, Германија. Има изведено и неколку други инсталации што досега не биле јавно презентирани. Два од неговите најпознати филмови се „Сите дела на Вермер во Њујорк“ (1990) и „Креветот во кој спиеш“ (1993). Неговиот долгометражен филм од 1977 година, „Последни песни за бавен танц“, е наведен во книгата „1.001 филм што мора да ги погледнете пред да умрете“. Џост се занимава и со фотографија и сликарство и пишува и свири кантри вестерн песни.