На уметничката сцена кај нас ретко се случува заедно да изложуваат двајца креативци, во случајот мајка и син. Станува збор за ликовната уметница Марија Светиева, која во домот на културата „Кочо рацин“ во Скопје завчера ја отвори својата јубилејна 50-та самостојна изложба на графики, насловена „Меѓу сонот и јавето“, и за нејзиниот син Виктор Бранѓолица, кому ова му е втора изложба, кој се претстави со фотографии направени оваа година.
– Оваа изложба обединува на еден хармонизиран начин два артикулирани сензибилитети. Природата останува во фокусот на неговата преокупација создавајќи композиции, кои пленат со фрагментите во облагородениот колоритен регистар. Од друга страна, контрастот на нарацијата во надреалното скерцо останува препознатлива определба во делата на Марија Светиева, кои и овој пат пленат со ведрината и динамизмот. Изложбата во целина изненадува со својот избалансиран ритам на една компактна впечатлива хомогена поетична и инспиративна целина, која побудува и вдахновува разнородни асоцијации. Исполнета е со нота на вибрантна, воздушеста, транспарентна и лелеава доживелица – истакна на отворањето историчарката на уметноста Виолета Калиќ.
Виктор Бранѓолица дипломирал на Европскиот универзитет за арт и дизајн и се стекнал со звањето графички дизајнер. Учествувал на повеќе групни изложби, а неговото прво самостојно претставување „Крик на природата“ се случи исто така во „Кочо Рацин“ минатата година. Марија Светиева, која е добитничка на 17 награди, а бележи учество на над 300 групни изложби во земјата и во светот, како и 50 самостојни изложби, утревечер, во 20 часот, во галеријата „Остен“ ќе ја отвори својата 51. изложба на цртежи – „Во кругот на животот“. М.Т.