Карикатура: „Нова Македонија“

Консензуалното одлучување и ветото во ЕУ на тапет

Деновиве на официјалните веб-страници на институциите на ЕУ и на некои нејзини земји-членки е присутен документ со иницијатива што го отвора прашањето за промени во начинот на гласањето во Унијата со квалификувано мнозинство, а не како досега со консензус. Списокот со земји-членки што ја поддржуваат иницијативата варира во бројноста, па во една верзија се седум, а во друга девет партиципиенти. Шефовите на дипломатиите на Белгија, Луксембург, Шпанија, Германија, Романија, Холандија и на Словенија истапија со заеднички став за промени во постојниот систем на носење одлуки во областа на надворешната и безбедносна политика на ЕУ со едногласност. Во други информации, како поддршка на оваа иницијативна група се наведуваат и Франција и Финска

Факт е дека евроинтегративните трауми на Македонија се тесно поврзани и со принципот на консензуално одлучување, што во пракса значи дека процедурално, легално им е дадено правото на вето на земјите-членки на ЕУ при донесувањето одлуки. Токму ова начело на донесување одлуки врз основа на согласност на сите ЕУ-држави, поточно иницијативите за негова промена, прави Македонија да биде живо заинтересирана за внимателно следење и препрочитување на секоја информација за иницијатива во телата на Унијата за менување или укинување на консензуалното одлучување.

Треба да се обележи фактот дека ваквиот принцип на одлучување одамна претставува проблем и за самата Унија, но во многу ситуации тоа за неа претставува и добар изговор за работи што не сака да ги направи. Најчесто консензусот е применуван како изговор за немањето желба за проширување на Унијата, што Македонија во повеќе наврати го почувствувала како казна, а сѐ уште виси како закана од соседна земја-членка на патот кон ЕУ.

Замена на консензусот со квалификувано мнозинство

Сепак, деновиве на официјалните веб-страници на институциите на ЕУ и на некои нејзини земји-членки е присутен документ со иницијатива што го отвора прашањето за промени во начинот на гласањето во Унијата со квалификувано мнозинство, а не како досега со консензус. Списокот со земји-членки што ја поддржуваат иницијативата варира во бројноста, па во една верзија се седум, а во друга девет партиципиенти. Шефовите на дипломатиите на Белгија, Луксембург, Шпанија, Германија, Романија, Холандија и на Словенија истапија со заеднички став за промени во постојниот систем на носење одлуки во областа на надворешната и безбедносна политика на ЕУ со едногласност. Во други информации, како поддршка на оваа иницијативна група се наведуваат и Франција и Финска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иницијативата на оваа група земји, упатена до Советот на министри на ЕУ, е со цел да ги „подобри ефективноста и брзината во надворешнополитичкото одлучување“.
-…Членките на групата се убедени дека на надворешната политика на ЕУ ѝ се потребни адаптирани процеси и процедури со цел да се зајакне ЕУ како надворешнополитички актер… Како што ЕУ се проширува, успешната европска интеграција бара нејзините институции да функционираат ефективно… Во минатото, брзата и решителна акција на ЕУ не беше секогаш дадена. Огромното мнозинство одлуки во надворешната политика на ЕУ бараат едногласност – што, во некои случаи, може да ја забави нашата способност да дејствуваме… – се нагласува во заедничката изјава на потписниците.

Како евентуално прифатениот нов начин на одлучување би се одразил на нашиот процес на евроинтеграции?

Прашањата што се поставуваат во Македонија кога станува збор за вакви иницијативи за промени во начинот на функционирање и одлучување во ЕУ е како тоа би се одразило на нашиот процес на евроинтеграции, во кој постојано се појавуваат некои нестандардни услови, кои секогаш драстично отстапуваат од постојните официјални критериуми за проширување на Унијата.
– Вакви идеи за менување на начинот на одлучување во ЕУ, од консензус во одлуки што би се носеле со мнозинство, имало и другпат, но не се случиле. Можеби сега и би поминала оваа иницијатива, затоа што тоа ѝ е потребно на самата Унија во однос на одлуките што треба да ги носи за да ѝ упатува помош на Украина. Но и да успее, се сомневам дека одлучувањето со мнозинство ќе стане општо правило, туку ќе има ограничено дејство само за случаи и ситуации кога тоа го сака и ѝ е потребно на ЕУ. Мошне е извесно дека евентуалната промена во начинот на одлучување во Унијата не би го опфатила македонскиот случај на евроинтегрирање – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.

Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, укажува на дистинкцијата во надворешната политика на ЕУ и политиката за проширување, што е причина за погрешно толкување и лажна надеж во Македонија.
– Кај нас во Македонија често се прави забуна, изедначувајќи ги политиките на ЕУ за проширување и за надворешна политика. Најновата иницијатива за менување на начинот на одлучување во ЕУ од консензус во квалификувано мнозинство се однесува на одлуки за надворешната политика на Унијата, односно за санкционирање на земјите-членки што не сакаат да ѝ дадат поддршка на Украина и нејзиното евроинтегрирање во перспектива. Но доколку се прифати оваа иницијатива, променетиот начин на одлучување не би се однесувал за проширувањето, каде што останува принципот на едногласност. Тоа за Македонија значи дека нема корист во овој миг за нејзините евроинтеграции, во смисла на можноста за отстранување на уцените во вето од страна на Бугарија во преговарачкиот процес – вели Марко Трошановски, кој проценува дека и во актуелнава иницијатива сепак нема усогласени позиции на сите земји-членки, што го прави дискутабилно и нејзиното усвојување, иако со неа ЕУ се обидува да изгради позиција на релевантен фактор на меѓународен план и геополитиката воопшто.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека сите земји-членки на Европската Унија не се подготвени за оваа иницијатива.
– Тоа е меч со две сечила за самата ЕУ. И во Брисел се свесни дека одредени земји-членки го злоупотребуваат начинот на одлучување со консензус, како на пример Бугарија и Грција во однос на Македонија, односно во носењето одлуки за проширување. Но секако повеќе ги засега кога земји-членки со вето ги бојкотираат заедничките политики што ѝ се важни на Унијата за самото нејзино функционирање (случајот со ветото на Унгарија и Полска за усвојување на буџетот на ЕУ), но и за нејзино етаблирање како меѓународен геополитички фактор, особено во актуелниот предизвик со војната во Украина. Сепак, во овој миг не се подготвени сите земји-членки да се откажат од правото на вето и дебата за ова прашање би предизвикала поголем раздор внатре во Унијата. Ценам дека оваа иницијатива е повеќе пробен балон за да се види како ќе реагираат земјите-членки. Дури и да помине оваа иницијатива, веројатно ќе има некаков ограничувачки механизам, прифатлив за сите земји-членки, но без особени придобивки за напредокот на Македонија кон ЕУ – вели Синиша Пекевски.