Фото: Принтскрин

Македонски државјанин е убиен синоќа во Приштина, во престрелка што наликува на пресметка на криминални банди, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешното соопштение на косовската полиција, убиениот бил пронајден во возило со македонски регистaрски таблички, а на околу еден километар од местото на инцидентот е пронајдено запалено возило со германски таблички, кое се пртетпоставува дека е користено за убиството.

– Засега непознати сторители пукале со огнено оружје врз жртвата, маж, државјанин на Република Северна Македонија. Надлежни полициски единици излегоа на местото на настанот, каде што забележаа дека во возило со македонски регистaрски таблички се наоѓа едно лице, а надлежен лекар констатира дека лицето нема знаци на живот. Околу еден километар од местото на настанот е пронајдено запалено возило со германски таблички, за кое постои сомневање дека осомничените побегнале од местото на настанот – се вели во соопштението.

Портпаролката на косовската полиција, Флора Ахмети синоќа изјави за медиумите дека во запаленото возило се пронајдени и две автоматски пушки „калашников“, со кои се претпоставува дека е извршено убиството на македонскиот државјанин.