Фото: Игор Бансколиев

Словенечката претседателка ги спореди менувањето на Уставот на Словенија при влезот во ЕУ и менувањето на македонскиот устав

Она што особено паѓа во очи е што странците не прават разлика меѓу уставни измени од технички карактер и измени на Уставот што значат битие, како што се име, македонски идентитет, јазик и историја. Имено, во никој случај не може да се прави паралела помеѓу измени во Уставот за да им се овозможи на странци да купуваат имот во некоја држава и уставни измени со кои се бара внесување малцинство, кое ниту го признава македонскиот народ, а уште помалку официјалниот јазик на државата, односно македонскиот јазик. Тогаш логично се поставува прашањето, зошто Бугарите инсистираат да влезат во устав во кој не ги признаваат државотворниот народ и официјалниот јазик? Од каприц, секако не. Причините треба да се бараат најмалку сто години наназад

Вистинска дипломатска инвазија ѝ се случува на земјава последните неколку месеци од странски претседатели, премиери, комесари, конгресмени, специјални пратеници, заменик-државни секретари и сите имаат иста порака, Македонија мора да ги направи уставните измени ако сака да го продолжи европскиот пат.

Повеќе од очигледно е дека како што наближува крајниот рок кога треба да започне операцијата „уставни измени“ за да се фати времето за втората меѓувладина конференција кон крајот на ноември, кога завршува скрининг-процесот, така зачестуваат посетите, притисокот дополнително расте, а пораките се сè подиректни.

Речиси без исклучок сите што изминатиот период ја посетија земјава јасно истакнуваа дека и нивните земји морале да направат извесни жртви на патот за зачленување во Европската Унија, односно и тие ги промениле уставите.

Не постои ниедна земја-членка на ЕУ што направила отстапки колку што направила Македонија

Последен таков пример посочи словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар за време на неодамнешната посета на Македонија, кога кажа дека и Словенија кога пристапувала кон ЕУ морала да направи измени на Уставот.
– Многупати е тешко да кажам, но и Словенија го помина тој процес и Словенија мораше да го промени Уставот. Го променивме Уставот во член што дозволуваше странците да поседуваат и да купуваат имоти. Тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ. Имаше жестоки политички расправи и дебати во тој аспект, но успеавме во тоа бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти што се однесуваат на иднината за Словенија – истакна Пирц-Мусар.

Она што особено паѓа во очи е тоа што странците не прават (или не сакаат да направат) разлика меѓу уставни измени од технички карактер и измени на Уставот што значат суштинско загрозување на македонскиот идентитет, јазик и историја. Имено, во никој случај не може да се прави паралела помеѓу измени во Уставот за да им се овозможи на странци да купуваат имот во некоја држава и уставни измени со кои се бара внесување малцинство, кое ниту го признава македонскиот народ, а уште помалку официјалниот јазик на државата, односно македонскиот јазик. Тогаш логично се поставува прашањето, зошто Бугарите инсистираат да влезат во устав во кој не ги признаваат државотворниот народ и официјалниот јазик? Од каприц, секако не. Причините треба да се бараат нешто повеќе од сто години наназад.

Многу позагрижувачка е леснотијата со која странците инсистираат на уставните измени, без да ја разберат суштината на идентитетските закани, што наведува само на еден логичен заклучок, дека ним им е најважно да ја спроведат европската агенда по секоја цена, макар тоа значело и целосно обезличување на еден народ. Ако Европејците вербално и преку разни најавени декларации и резолуции даваат гаранции дека не се загрозени македонскиот идентитет и јазик, тогаш зошто како најдобра гаранција и фер однос не ја преформулираат преговарачката рамка и не ја усогласат со Копенхашките критериуми, откако веќе ѝ наметнаа на земјава бугарски ултиматуми како европска рамка.

Споредба на неспоредливото

Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски смета дека не може да се прави споредба меѓу отстапките што ги правеле другите земји и она што се бара од Македонија.
– Нема споредба околу овие две теми. Словенечката промена на Уставот е поврзана со тема што се однесува на усогласување со европското законодавство, популарното acquis, сите други земји-членки морале да ја направат оваа измена за да ги изедначат правата на сопствените државјани со државјаните на другите земји-членки на ЕУ.
Бугарското барање за промена на македонскиот устав нема ништо заедничко со европското законодавство, нема никаква врска со Копенхашките критериуми, а и со која било содржинска тема поврзана со проширувањето, односно европската интеграција – вели Боцевски.

Тој појаснува дека она што го направила Словенија го направиле сите земји што пристапувале во Унијата, додека она што се бара од Македонија не било побарано од ниту една актуелна земја-членка.
– Да појаснам, купување имот од странски државјани, поточно граѓани на ЕУ, е самата суштина на единствениот европски пазар и на европската интеграција, а бугарското изживување со Македонија е спротивно на сите европски вредности, норми и принципи – посочува Боцевски.

Слично размислува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, за кого е невозможно да се прават споредби околу уставните измени што ги направила Словенија и што треба да ги направи Македонија.
– Изјавата на претседателката на Словенија и споредбата со случајот во Македонија се невозможни и ме запрепастуваат. Но не сум изненаден од анемичноста и сервилноста на претседателот Пендаровски, кој гледа само да им угоди на странските дипломати. Држава што смени знаме, име и сега устав да се изедначува со можност странци да купуваат имот е несериозно. Ама тоа говори за угледот што го имаме во светот – заклучува Пекевски.