Објавена првата партиска кандидатура за претседателските избори

Професорката Билјана Ванковска ќе биде кандидат на партијата Левица за претседателските избори. Ова го соопшти претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој истакна дека го имаат најдобриот кандидат.
Нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Ова го порача професорката Билјана Ванковска, која вчера беше промовирана за кандидатка за претседателка на државата од редовите на политичката партија Левица.
– Јас се чувствувам како дел од тимот, иако не сум член на партијата Левица. Да ви се претставувам посебно, не знам дали е потребно, бидејќи многумина од вас се сеќаваат на времињата кога велеа дека кога ќе отвориш фрижидер ќе ја најдеш професорката Ванковска. Тоа беше така затоа што јас не молчев кога сите молчеа. Мојата основна функција е професорската и таа останува. Пред десет години јас се обидов како независен кандидат да влезам во оваа постапка, без никаква организациска и финансиска поддршка, и тоа беше за мене едно многу позитивно време. Ако се прашувате зошто по една деценија повторно излегувам на истиот терен, ќе ви кажам дека оттогаш се променија многу нешта и овој пат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Овој пат сум навистина со многу поголема самодоверба дека сега постои еден тим, верувале или не, дел од овој тим беше дел од мојот тим пред десет години. Во меѓувреме, оваа генерација на млади и борбени политичари направи политичка партија за респект. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. За десет години, Македонија е сѐ што немаме. За десет години, Македонија е во многу лоша ситуација – порача Ванковска.
Првиот круг на претседателските избори во државава ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.