Црвено-жолтите ќе играат на ЕП, дивизија А, за кошаркари до 20 години во Полска. Годинава љубителите на кошарката во Македонија ќе имаат можност да гледаат две ЕП од дивизијата Б, во Скопје, за јуниори (до 18 год.) и за кадети (до 16 год.)

КОШАРКАРСКИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ГИ ДОБИЈА РИВАЛИТЕ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА ГОДИНАВА

Македонската младинска репрезентација за кошаркари до 20 години, која е единствената што ќе игра во дивизијата А, ги доби противници на годинашното Европско првенство (ЕП), во јули во полскиот град Гдиња, и ќе игра во групата Б, заедно со селекциите на Турција, трикратниот европски првак Шпанија и со Белгија. Ако Македонија не биде на последните две места на ЕП 2024, тогаш ќе го задржи статусот во дивизијата А, во која се натпреваруваат 16 репрезентации. Ова е првпат по 17 години, Македонија да игра во најквалитетната дивизија на ЕП за кошаркари до 20 години.
Годинава љубителите на кошарката во Македонија ќе имаат можност да гледаат две европски првенства од дивизијата Б, во Скопје. Првото е јуниорско (од 26 јули до 4 август), а Македонија е во групата Ц со Чешка, БиХ, Украина, Ирска и со Кипар. Второто е кадетско (од 8 до 17 август), а црвено-жолтите се во групата Д, заедно со селекциите на Естонија, Шведска, Украина и на Австрија.
И женската репрезентација на Македонија за кошаркарки до 18 години ќе биде активна летово, бидејќи ќе настапи на Европското првенство, дивизија Б, во романскиот град Плоешти (од 2 до 11 август), во групата А, со Грција, Бугарија, Ирска и со Норвешка.
Тоа е епилогот на ждрепките за младинските континентални првенства и ЕП за мали земји 2024, која се влечеше во Германија. На овој чин присуствуваше претседателот на ФИБА Европа, Шпанецот Хорхе Гарбахоса, заедно со извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак од Чешка.
Вкупно 245 селекции, кои ќе претставуваат 47 национални федерации, ќе учествуваат на 16-те младински натпреварувања, кои ќе почнат со Европското првенство за кошаркарки до 20 години (од 6 до 14 јули). Г.И.


ЖДРЕПКА ЗА МЛАДИНСКИТЕ ПРВЕНСТВА

ЕП за младинци (до 20 год.), дивизија А
ГРУПА А: Македонија, Турција, Шпанија, Белгија
ЕП за јуниори (до 18 год.), дивизија Б
ГРУПА Ц: Македонија, БиХ, Ирска, Чешка, Украина, Кипар
ЕП за кадети (до 16 год.), дивизија Б
ГРУПА Д; Македонија, Естонија, Украина, Шведска, Австрија
ЕП за јуниорки (до 18 год.), дивизија Б
ГРУПА Б: Македонија, Грција, Ирска, Бугарија, Белгија