Фото: МИА

Предлогот за измени на законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини. Тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница, на која треба да биде дадено ново одобрение.

– Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието – се вели во одговорот од Владата.

На 221-та владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.

Предлогот за измени на законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во земјава и опфатените субјекти да подлежат на санкции, согласно домашното законодавство.

Измените на законот за рестриктивни мерки, со кои американските и британските листи стануваат основа за санкционирање и од македонските институции, беа одобрени од претходниот владин состав.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, неодамна на брифинг со медиумите, информира дека Министерството за надворешни работи почнува јавна расправа по однос на измените на законот за рестриктивни мерки, како и за инструментите коишто се на располагање на државата во услови на воведени рестриктивни мерки.