Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Бледскиот стратешки форум ќе изјави дека Европската Унија треба да биде подготвена да прифати нови членки до 2030 година, објави „Фајненшл тајмс“.

Според британскиот весник, Мишел ќе каже дека ЕУ мора да се позанимава со проширувањето како еден од главните предизвици.

Дводневниот Бледски стратешки форум денеска ќе го отвори словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, а потоа говори ќе имаат премиерот на Словенија Роберт Голоб и Шарл Мишел.

Веднаш по обраќањето, Мишел и Голоб ќе учествуваат на првиот панел, заедно со премиерите на Западнобалканската шесторка (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Албанија), Хрватска и Бугарија.