Фото: Игор Бансколиев

Изградба на нуклеарна централа, со моќност од 1.500 мегавати, е договорот што Италија го постигна со Албанија со инвестиција од четири милијарди евра, јавуваат албански и италијански медиуми, а пренесува МИА.

– Веста ја пренесуваат италијанските медиуми кои ја изразуваат својата среќа што оваа нуклеарна централа ќе се гради во Албанија. Според нив, италијански компании кои ќе обезбедат вештини, компетентност и консултантски услуги се ЕНИ (италијанска мултинационална енергетска компанија), ЕНЕЛ (италијанска мултинационална компанија за дистрибуција на електрична енергија и гас), ЕДИСОН (една од најстарите италијански компании во областа на енергија и дистрибутер на природен гас) – јави Ора њуз.

Телевизијата наведува дека за реализација на ваква нуклеарна централа несомнено е потребна долга работа, но веста предизвика доста политички дебати и додава дека министерот за инфраструктура и транспорт Матео Салвини побарал одржување референдум на кој народот ќе се изјасни дали е за или против нуклеарна енергија.

– Италијанските економски експерти наведуваат дека 3-те компании споменати погоре, односно ЕНИ, ЕНЕЛ и ЕДИСОН се единствените кои имаат корист од оваа инвестиција, додека за десетици други компании кои работат во секторот на обновливите извори на енергија ќе биде доста тешко – посочува Ора њуз.

Претходно албанските медиуми јавија дека италијанската премиерка Џорџиа Мелони, која, со семејството во средината на овој месец беше на неколкудневен одмор во Валона, по покана на премиерот Еди Рама, имала неформална средба со на која разговарале за изградба на нуклеарна централа во Албанија, бидејќи „на Италија и е потребно снабдување со енергија“.

-Ова не е изненадувачка идеја зашто Албанија е земја блиска до Италија и земја во која може да се изгради нуклеарна централа без да има политичка и медиумска тензија и со фактот дека може да направи голема инвестиција во земја како Албанија – додадоа медиумите.

Случајно или не во исто време во Албанија „на неколкуденевен одмор“ беше и поранешниот британски премиер Тони Блер, инаку советник на Рама.