Фото: Фејсбук/Изет Меџити / Архива

Огнената група на ДУИ од денеска и официјално ќе функционира како фракција на ДУИ, ова членовите на таа група го соопштија на денешната прес-конференција. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу рече дека се обврзуваат да бидат гласот на сите Албанци.

– Денеска, стоиме пред вас како фракција на ДУИ и наша обврска е да бидеме неоспорен глас на сите Албанци и тој глас нема да го замолчи никој – беше потенцирано на прес-конференцијата од страна на членството на огнената група.

Тие тврдат дека во ДУИ постојат двојни стандарди за дебата и одлучување.

– Нашиот предлог за гласање недоверба на министрите во власта беше одбиен. Органите на ДУИ не функционираат според статутот, партиските органи не постојат. Политичките одлуки се прават исклучиво од страна на министрите на ДУИ – велат „огнените“.

Целта со фракцијата, како што појаснуваат, е да се добие битката внатре во ДУИ затоа што досега, како што истакна Изет Меџити, се позитивно прифатени од страна на граѓаните.

На прашањето за оспорувањето на фракцијата од страна на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, Меџити рече дека ДУИ промовира европски вредности и затоа смета дека нивната фракција не треба да се оспорува.

– Сега е моментот да има фракција и не знам од кои причини Ахмети рече дека нема да го дозволи тоа. Фракциите се европски вредности и тие тоа го промовираат – рече Меџити.

Одговарајќи на прашањето дали со ваквиот чекор може да бидат казнети и исклучени од ДУИ, Блерим Беџети рече дека други треба да ја понесат вината или казната за настанатата ситуација.

– Објаснивме зошто дојде до оваа ситуација. Клучниот орган во партијата – централното претседателство – не беше консолидирано речиси три години и од тука почнаа сомнежите дека органите на партијата се узурпирани од страна на министрите на ДУИ. До оваа ситуација е дојдено поради узурпаторите и непочитување на статутот на партијата – нагласи Беџети.