Фото: Игор Бансколиев

Несомнено последните изјави што доаѓаат од албанските политичари во земјава само ставаат печат на сето она за што предупредуваше јавноста во пресрет на пописот, дека вештачки се креваат бројките за да се доведе македонскиот народ во крајно подредена улога, да биде „малцинство во сопствената држава“?!

Политикантските манипулации со критериумите на пописот на тапет

Загриженоста и сомнежите кај македонската јавност дека пописот наместо статистичка е чисто политичка операција за билдање на процентот на албанската етничка заедница во земјава се покажаа како сосема оправдани, бидејќи спротивно на сите статистички светски практики се дозволи попишување на нерезидентното население, исклучиво поради притисокот на албанските политички партии од власта.
Иако најавите тогаш беа дека нерезидентното население се попишува само за да се има увид колку луѓе ја напуштиле државата и работат надвор, сега одеднаш некој истото тоа нерезидентно население го вклучува во вкупниот процент на албанската заедница во Македонија, креирајќи нереални бројки поради кои сега се бара уште поголема процентуална застапеност во органите на управата.
– Времето на доминација на еден етникум во С. Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54 отсто, а Албанците 30 отсто – порача неодамна првиот човек на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, реагирајќи на предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Македонија да ја промени преамбулата на Уставот, по моделот на Хрватска.
Резултатите од последниот попис покажаа дека вкупното население што живее во земјава е 1.836.713 граѓани, од кои најмногу – 58,4 отсто се Македонци, а 24,3 Албанци. Ако на ова се придодаде и бројката од над седум отсто непопишани во македонските средини и бојкотот, тогаш процентот на Македонци би се доближил до 70 отсто. Доколку и македонската страна го вклучи во овие калкулации и нерезидентното население како што со „веселите математики“ тоа го прави албанската етничка заедница, тогаш Македонија ќе биде со над 90 отсто Македонци.

Несомнено последните изјави што доаѓаат од албанските политичари во земјава само ставаат печат на сето она за што предупредуваше јавноста во пресрет на пописот, дека вештачки ќе се креваат бројките за да се доведе македонскиот народ во крајно подредена улога, да биде малцинство во сопствената држава.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека политиката премногу навлезе длабоко во пописот и едноставно не беше возможно тој да остане само статистичка операција.
– Пописот беше статистичка операција што, според мене, помина неуспешно поради тоа што политиката длабоко навлезе во неа и поради тоа што одредени одлуки беа донесени политички – вели Пекевски.
Тој е категоричен дека албанските политичари во земјава ќе ги злоупотребуваат бројките од пописот бидејќи воопшто не ги интересира иднината на Македонија, туку само остварувањето на нивната сѐ уште жива, призренска етноцентрична кауза.
– Кога зборуваме за албанските политичари, станува јасно дека не ги интересира Македонија и напредок на Македонија, туку остварување на националистичките етногравитациски интереси. Вистинското прашање е дали ако Албанците се 30 отсто ќе живеат подобро и ќе има економски просперитет, дали со тоа ќе се спречи и намали корупцијата, ќе се почитува ли владеење на правото? Станува јасно дека на албанските политичари единствено им се важни личниот интерес и национализмот поради тоа што само тогаш може да дојдат до израз, инаку нивната неспособност се гледа секој ден, а сето тоа им е овозможено од сервилните неодговорни македонски политичари – заклучува Пекевски.

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, е категоричен дека тие спровеле чисто статистичка операција, но дека политичарите се тие што се обидуваат да го исполитизираат тоа.
– Структурата е таа на резидентното население и бројките се тие. Ако некој носи политичка одлука за тоа дали ќе го вклучува нерезидентното население и ќе го зголемува процентот, тоа е политика и ние како Државен завод за статистика немаме право да се мешаме. Но нема да дозволам да се каже дека овие бројки се добиени врз основа на статистиката – вели Симовски.
Тој додава дека тие остануваат исклучиво на ставот дека се брои само резидентното население, а нерезидентното не може да се вклучува во вкупната бројка и од него произволно да се извлекуваат проценти.
– Треба да имаме предвид дека околу 450 илјади луѓе не се попишани во дијаспората. Никој немаше илузии дека ќе ја опфатиме дијаспората во целост, впрочем, не правиме попис таму, туку тоа беше на доброволна основа. Тој дел од наша страна е чист. Ако се носат политички одлуки, тогаш тој што носи таква одлука нека си ја понесе и одговорноста и ние немаме ништо со таа работа – категорично се оградува првиот статистичар во државата од какви било политички манипулации со резултатите од пописот.