КОШАРКА – НБА

Трката за пласман во плејофот во Источната и во Западната конференција на кошаркарската НБА-лига ја достигнува својата завршна фаза, а на една недела пред крајот на регуларниот дел од сезоната, со три-четири меча за доигрување, сигурен пласман во плејофот имаат Милвоки, Бостон, Филаделфија, Кливленд и Њујорк на Истокот, како и Денвер, Мемфис и Сакраменто на Западот.
Во плејофот ќе играат првите шест тима од секоја конференција, како и уште по два по одигрувањето на квалификациите, во кои ќе играат по четири екипи од секоја конференција.
За шестото место на Истокот во трка се Бруклин, Мајами, Атланта и Торонто, а на Западот од четвртопласираниот Феникс до осмопласираниот Њу Орлеанс разликата е три победи. Ако две екипи завршат со ист број победи, нивната позиција ќе биде одредена прво со меѓусебниот резултат помеѓу двете екипи. Н.М.