Осврт кон анализата во грчкиот весник „Катимерини“, чија цел е да обликува мислење кај европската јавност дека „Македонија е летален вирус за ЕУ“
- Веќе не е никаква тајна дека Софија и Атина со години градат синергична моќна лоби-група во структурите на ЕУ, каде што зад затворени врати ја клеветат Македонија дека е „нестабилна и нефункционална држава по повеќе основи“. Во негативните лобирања на споменатата група се инпутира дека во државава се подготвува „граѓански судир со Албанците“, дека ситуацијата внатрешно „врие“ и дека Македонија би била „извозник на внатрешните кризи и дека истите тие ќе се прелеат во регионот“, загрозувајќи ги соседните држави, како и земјите членки на ЕУ, и би внела нестабилност во Унијата…
- Во еден таков смислен субверзивен зафат, лобито на Атина и Софија создава „цврсто алиби за ’аргументирано’ блокирање на Македонија во евроинтегративните процеси“, убедувајќи ја Европската комисија дека нашата земја и по многу други основи би внела нестабилност во Унијата. Исклучително е интересна информацијата што истите такви ставови на Софија и Атина се подметнуваат во медиумите во Грција и Бугарија, за да биде обликувано и мислењето на пошироката европска јавност. Последен во низата такви написи е случајот на новинарска опсервација во грчкиот весник „Катимерини“ на кој се осврнуваме во продолжение
Зад она што Грција и Бугарија во континуитет го прават зад затворени врати во Европската Унија, клеветејќи ја државава дека е извор на нестабилност и недоверлив партнер што не почитува договори, всушност се крие нивната интенција да ја прикажат Македонија во негативно светло пред Европа и целата меѓународна заедница.
Сето ова е резултат на координирана дипломатска активност на двете соседни земји, чија главна цел е да го привлечат сиот геополитички фокус на нивна страна, вклучувајќи ги и инфраструктурните проекти, коридорите, енергетиката, инвестициите, парите од фондовите и сѐ друго, така што ќе ја етикетираат земјава како извор на нестабилност во регионот.
Катимерини“ како гласник на официјална Атина
Во исто време кога американскиот Стејт департмент го објави извештајот за идниот начин на соработка на САД со земјите од Западен Балкан се појави анализа во грчкиот весник „Катимерини“ во која се прави паралела меѓу претходните случувања во земјава пред избувнувањето на конфликтот во 2001 година и неодамнешните протести на луѓе од Тирана и Приштина што среде Скопје бараа право за полагање правосуден испит на албански јазик, при што се вееја знамиња на туѓи држави и се извикуваа слогани „УЧК“.
Авторот Ставрос Цимас потсетува дека пролетта 2001 година за првпат се слушнале слогани со поддршка на Ослободителната национална армија (ОНА) во тогашната поранешна југословенска Република Македонија, правејќи потоа рекапитулација на настаните од воениот конфликт во 2001 година.
– Настаните (мислејќи на последните протести во Скопје) предизвикаа внимание и загриженост во балканските престолнини, во Брисел и кај регионалните аналитичари – пишува авторот.
„Катимерини“ оценува дека историската поделба меѓу Македонците и Албанците со децении претставува фактор на нестабилност во државата.
Според весникот, подемот на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со преиспитувањето на договорите со Бугарија и Грција, како и внатрешните договори со албанската заедница, создава потенцијално нестабилна атмосфера со пошироки регионални последици.
Дипломатско „кодошење“ под диктат на Атина и Софија
Анализата објавена во грчкиот весник „Катимерини“ всушност претставува само врв на сантата мраз и оркестриран обид за наметнување јавна тенденција во пошироки регионални рамки. Главната цел е овој наратив да биде преземен и цитиран од влијателните европски медиуми, за на тој начин да се увери бриселската администрација дека Македонија е несигурен и нерамноправен партнер, кој постојано создава опструкции. Зад параванот на загриженост на грчките новинари, во реалноста се крие долготрајниот страв на официјална Атина од потенцијално уривање на Преспанскиот договор, поради што нејзината дипломатија веќе подолг период ја користи стратегијата на притаено клеветење. Не е никаква тајна дека Софија и Атина со години градат моќна лоби-група во структурите на Унијата, каде што зад затворени врати ја кодошат Македонија дека наводно се подготвува за судир со Албанците, дека ситуацијата внатрешно „врие“ и дека Скопје се позиционира директно против Брисел. Преку ваквите интелигентно осмислени дипломатски маневри, нашите соседи се обидуваат однапред да ја деноминираат Македонија како релевантен соговорник, пласирајќи тези што одат во прилог на нивните аспирации и интереси. Наместо конструктивен дијалог, тие ја уверуваат европската јавност дека земјава е безбедносен ризик и извозник на кризи, креирајќи црно-бела слика во која Македонија мора да остане трајно блокирана за да не ја увезе својата наводна нестабилност во ЕУ. Оваа игра на мачка и глушец трае со години, а текстот во „Катимерини“ само ја потврдува потребата за итна и координирана реакција од страна на македонската дипломатија и нашите пријатели и сојузници во ЕУ со која ќе се демаскираат овие неосновани обвинувања.
Загреб како дипломатски штит против инфраструктурниот бајпас
Како директен одговор и амортизација на ваквиот постојан притисок, македонската дипломатија ја активираше картата на сојузништво со Хрватска, преку потпишувањето на стратешкиот договор со премиерот Андреј Пленковиќ во Охрид. Идејата е Загреб да стане официјален глас на Македонија во Брисел и јасно да порача дека етикетирањето на Скопје како безбедносен проблем е целосно беспредметно. Покрај Хрватска, целта е да се привлечат и други држави од сличен калибар, како Словенија, Словачка, Чешка и Унгарија, кои ќе застанат зад македонските позиции и ќе потврдат дека земјава не е извор на превирања, туку клучен фактор за регионалниот мир. Наместо дестабилизација, Македонија на своите европски партнери им нуди комплетна подготвеност за соработка преку капитални инфраструктурни, патни, транспортни и енергетски линии, каде што нашата држава природно претставува главна крстосница. Меѓутоа, зад обидите на Грција и Бугарија да нè прикажат како генератори на немир се крие уште една поопасна намера – економски и линиски бајпас на државава. Соседите интензивно работат на терен на паралелни коридори што би ја заобиколиле Македонија, со цел тие самите да ги влечат сите пари од европските фондови, користејќи ја политичката блокада како изговор за бизнис-профит. И додека Атина се притајува во јавноста за да не изгледа дека самата го опструира и урива Преспанскиот договор на меѓународна сцена, нивната координирана офанзива бара од Скопје цврст и јасен став дека нема да дозволи да ни го навредуваат здравиот разум со лажни безбедносни етикети.
































