МЕГАИНТЕРВЈУ СО ДАРКО КОСТАДИНОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
- Кога политиката сака послушен суд, тогаш има проблем со Уставот, а не со судиите! Резултатот од послушен Уставен суд (УС) доведе до состојба на големи предизвици со владеењето на правото, разнишана правна држава, недоверба кај граѓаните. Тоа ли е вистинската заложба и намера на политиката? За тоа ли граѓаните им ја даваат довербата, за да ја саботираат или да ја градат правната држава, истакнува Костадиновски во интервјуто за „Нова Македонија“
- Нервозата што со својата работа ја создава кај политиката и кај некои државни органи значи само едно, дека Судот излегол од летаргијата, од компромисноста, и дека добро си ја врши работата. Во последните две години сведочиме на нервозни политички фактори, нервозна Влада, Собрание, зошто? Едноставно со децении уживале во комфорот, се „ладеле“ во сенката на лојалниот Уставен суд. Денес тој комфор повеќе не постои, додава претседателот на УС
Почитуван претседателе, Уставниот суд одбележува 62 години од неговото основање. Што, според Вас, значеше основањето на овој највисок суд, како самостоен орган во правниот поредок? Дали ги оправда очекувањата како чувар на уставниот поредок, односно дали одговори на предизвиците онака како што требаше?
– Во изминатите 62 години Судот се соочувал со различни правни, општествени, политички предизвици, што е природно ако се има предвид чувствителноста на прашањата по кои одлучува. Неговите одлуки често имаат значајни импликации врз правниот, политичкиот и општествениот поредок, поради што Судот секогаш е изложен и на висок степен на јавен интерес и критика.
Јас во јавноста, и стручната и научната и општата, сум препознаен како доста самокритичен. Познати се моите ставови дека имало периоди кога Судот бил прекумерно компромисен со политиката, периоди кога бил слепо лојален, па дури и периоди кога наликувал на „подрачна единица на Владата“, но имало и периоди на бескомпромисност, на вистинска, суштинска независност и самостојност. Оттука, одговорот на прашањето дали Уставниот суд успеал да ги оправда очекувањата е едноставен. Одговорот е не или, во најмала мера, не ги оправдал целосно очекувањата. За да се тврди тоа компаратор е состојбата со владеењето на правото и правната држава, како и историски најниската доверба на граѓаните во целокупниот државен апарат. Токму затоа од првиот ден како претседател на Судот преземам мерки и активности за нештата да бидат суштински променети. И објективните аналитичари веројатно можат да заклучат дека изминативе две години Уставниот суд е континуирано присутен во јавниот живот, дека нервозата што со својата работа ја создава кај политиката и кај некои државни органи значи само едно, дека Судот излегол од летаргијата, од компромисноста, и дека добро си ја врши работата, онака како што уставотворците му ја довериле.
Секако, важно е да се каже дека Уставниот суд опстојувал како институција и во најтешките моменти успеал да ја зачува својата уставна функција. Уверен сум дека без Уставниот суд, демократскиот развој на државата ќе беше многу понеизвесен, преминот кон стабилна, па од стабилна кон зрела демократија значително отежнат. Затоа, нашата обврска денес не е само да го чуваме институционалниот интегритет на Судот туку и постојано да го унапредуваме неговото работење, транспарентноста, да ја зајакнеме репутацијата, да работиме континуирано за зголемување на довербата на граѓаните.
СУДОТ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НА МЕНИТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ АПЕТИТИ
Оваа висока судска институција, со која сега Вие раководите, поминала низ значајни транзициски времиња, како што е на пример прогласувањето независност во 1991 година. Тоа значеше и промена на Уставот, кој подоцна се менуваше повеќепати. Кои се, според Вас, клучните одлуки на Судот во времињата на најголемите предизвици што се исправија пред државата?
– Во различни историски периоди Судот се соочувал со различни видови предизвици. Некои од нив биле поврзани со општествени и политички кризи, некои со очекувањата на јавноста, а некои со потребата Судот да воспостави уставна рамнотежа помеѓу заштитата на уставноста и законитоста и принципот на поделба на власта. Мислам дека еден од најголемите предизвици за секој Уставен суд, не само кај нас, е како да ги зачува својата независност и институционален авторитет во услови на силна политичка поларизација и висок јавен притисок. Уставниот суд често одлучува по прашања што имаат сериозни политички и општествени импликации, но негова задача е да остане во рамките на Уставот и правната аргументација.
Несомнено, Уставниот суд низ годините бил ставан на тестот на институционална зрелост, но според мене клучни се одлуките и периодите кога тие биле базирани на уставноправни аргументи, не на тековните политички очекувања. Знаете, Судот не смее да биде дневно мени на политичките апетити, мора да остане столб на стабилноста во државата и извор на демократскиот баланс и стабилност. Јас и во моите книги имам доста пишувано за Уставниот суд, односот на општествените чинители кон Уставот, за лојалноста кон Уставот. И сега ќе повторам дека уставните судии не смеат да носат прифатливи одлуки, туку исправни одлуки. Често зборувам за судскиот активизам, за храброста на судиите и пак ќе речам дека судиите мора да бидат доволно храбри и да постават граница онаму каде што политиката не сака да ја види. Па така, според моето лично убедување, најважни биле одлуките на Уставниот суд со кои победник е правната држава, а не власта или опозицијата. Одлуките со кои се толкуваат уставните вредности, принципи и норми што претставува рамка за правилно однесување и постапување на сите три власти, на сите државни органи.
СО ФАКТИ ПРОТИВ МАНИПУЛАЦИИТЕ И ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ
Во јавноста се зборува за политичко влијание врз судството, а веруваме дека и Уставниот суд не бил заобиколен или, можеби, и сега има обиди или се врши такво влијание. Има ли и, ако има, како реагирате Вие на тоа?
– Да, има јавни притисоци и обиди за влијанија и сметам дека сите сме свесни и ги гледаме. Тоа е резултат на уставноправната некултура што владее во општеството, тоа е одраз на политичката некултура. Но Уставниот суд не е играчка во рацете на политичарите и треба да запомнат дека кога политиката сака послушен суд, тогаш има проблем со Уставот, а не со судиите! Резултатот од послушен Уставен суд доведе до состојба на големи предизвици со владеењето на правото, разнишана правна држава, недоверба кај граѓаните. Тоа ли е вистинската заложба и намера на политиката? За тоа ли граѓаните им ја даваат довербата, за да ја саботираат или да ја градат правната држава?
Јавноста се манипулира со дезинформации, манипулации, ако сакате наречете ги и опасни лажни наративи, па тргнувајќи од сериозните последици што може да ги нанесат во јавниот дискурс Судот веќе наредната недела ќе пушти нов проект што ќе биде насочен токму против тие лажни вести. Ќе промовираме една нова комуникациска платформа „Дознај факти од Уставен суд“ преку која граѓаните ќе читаат точни, јасни и официјални информации. Сметам дека ќе биде од голема помош за сите да ги препознаат тие лажни вести и да знаат дека треба да се верува само на она што е институционално испратено до јавноста. Како може некој политичар да кажува дека е укинат или поништен некој закон или одредба, некое право на граѓаните, кога не е воопшто донесена таква одлука? Да изнесува лаги за моите постапки? Дали тие однадвор знаат повеќе за работата на Уставниот суд? Не! Затоа Судот сериозно пристапи кон ова прашање и сметам дека ќе има ефект, граѓаните да добиваат точни и официјални податоци за нашето работење.
Познато е дека највисоките судови и во најдемократските земји своите одлуки честопати ги носат во интерес на политичките состојби. Некои судии не го ни кријат тоа, се сеќаваме на една таква изјава на претседателот на највисокиот германски суд. Дали кај нас постои ваква дипотрија на носењето судска правда?
– Во демократските општества секогаш постои јавна дебата за односот помеѓу правото, политиката, општествениот контекст и последиците од судските одлуки, особено кога станува збор за највисоките судови што одлучуваат по чувствителни и комплексни уставни прашања. Но суштината на уставното судство е токму во тоа одлуките да не се темелат на политичка целисходност, на етнички, верски, бизнис или било какви очекувања, туку на Уставот, правните аргументи и уставните вредности. Секако, Уставниот суд е свесен за поширокиот општествен и институционален контекст во кој одлучува, како и за импликациите што одредени одлуки можат да ги имаат, но таа свесност не смее да значи супститут на уставноправните критериуми со какви било други критериуми. Најголемиот предизвик за секој уставен суд е да ги зачува таа рамнотежа и институционална независност, особено во периоди на силна политичка поларизација и висок јавен интерес. Јас имам напишано научна книга „Теоријата на живиот конституционализам“, што наједноставно значи толкување на уставните вредности и норми низ призма на моменталната уставна општествена стварност, реалност. Тоа значи дека сум приврзаник на оваа теорија на уставно толкување.
Политичката, етничката, верската неутралност на судиите е она што се бара и очекува од судиите, и во овој поглед не правам компромис со никого. Сум кажал, лојален сум само на Уставот и на никој друг, тоа го очекувам од судиите. Зошто? Граѓаните се еднакви пред Уставот и законите. Ако е тоа така, таа еднаквост и остварувањето на целиот корпус на слободи и права на човекот и граѓанинот можат да се заштитат само со владеење на правото, само во една правна држава.
Јас лично од себе поаѓам дека ние не смееме да им угодуваме на политичките барања, бидејќи во истиот момент ќе ја нарушиме репутацијата на Уставниот суд, но и, уште поважно, довербата на граѓаните, а сами знаете колку е тешко таа доверба да се гради и расте. Ако некој во континуитет повторува дека ние како суд носиме одлуки во корист на власта или опозицијата и таа теза се пласира без пардон, тоа не значи и дека тоа е вистина. Еве и конкретно, мерливо е и може да се провери и утврди. И покрај обидите на некои политички фактори да дадат политички контекст на моите постапки како претседател на Судот, тврдам, дека од независноста до денес ниедна влада, ниедно собрание немало повеќе, условно кажано, „главоболки“ односно обврски од Уставниот суд како изминативе две години. Објективноста кажува дека изминатите две години имаме и тоа како во јавноста присутен Уставен суд, со храбри одлуки, бескомпромисен Уставен суд. Притоа, клучен критериум е што ќе значи одлуката за остварувањето на слободите и правата на граѓаните и за владеењето на правото. За мене, сите граѓани се исти, многупати сум кажал, нема сензитивни предмети, сите предмети имаат голема тежина за правниот поредок, за општествени процеси, па и за функционирањето на системот ако сакате. Мора да сме лојални на Уставот и на никој друг.
ЛАГА И МАНИПУЛАЦИЈА Е ДЕКА УСТАВНИОТ СУД ЌЕ ГО УКИНЕ АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК
Дали одлагањето на изјаснувањето за Законот за употребата на јазиците е „поради чудни околности“, а всушност е токму политичко влијание, или има нешто трето?
– Таму во тој предмет навистина постои еден сплет на околности што доведоа до оваа ситуација, иницијативи поднесени уште пред повеќе од шест години да немаат разврска. Конкретно, во мојот мандат ќе зборувам, ќе почнам од актуелната состојба. Знаете дека Судот уште пред четири години има донесено Заклучок според кој предмети како што е Законот за јазиците ќе бидат ставени да се дискутираат и одлучуваат кога ќе бидеме во полн состав. А сега сме осум судии и во очекување на деветтиот… Во периодот кога беше закажана подготвителната седница државата се соочи со невидената трагедија во Кочани, по што бевме принудени да ја одложиме седницата во деновите на жалост. Потоа следуваше поништување на мандатот на судијката Елизабета Дуковска од страна на Управниот суд, а знаете дека таа беше судија што го водеше предметот… Неколку години пред тоа Судот работеше и на раб на кворум со само пет судии од вкупно девет… Да, ова е неверојатен сплет на околности за кои е оправдано да се има чувство дека политиката на некој начин влијаела да се одолжи предметот… Според мене, најсимптоматично е неизбирањето на судии и држењето на Судот со минимален број, при што е невозможно постапувањето во вакви околности. Но, јас сум човек од збор, по комплетирањето на Судот, тој предмет ќе биде решен. И пак ќе повторам, свесен сум дека ќе продолжат политичките хајки против мене, затоа на граѓаните сакам да им биде јасно, Уставниот суд може само да помогне кој било закон, вклучувајќи го и Законот за употреба на јазиците, да биде појасен, попрецизен, полесно применлив и, секако, усогласен со Уставот. Тешка лага и манипулација е дека Уставниот суд ќе го поништел или ќе го укинел албанскиот јазик. Не, тоа не е вистина!

Вие најавивте зголемен обем на предмети за оваа година. Дали е тоа заради примена на институтот Уставна жалба? Што се менува темелно со тоа?
– Не станува збор за уставна жалба, засега тоа за жал е „мисловна именка“ во нашата држава… За тој зафат е потребна покрупна ангажираност од страна на сите пратеници, бидејќи неминовно е отворањето на Уставот. По мое мислење, зголемениот обем на предмети се должи на судскиот активизам, зголемената транспарентност и храбрите одлуки што ги донесовме изминатиот период. Сметам дека граѓаните веќе ја препознаваат улогата на Уставниот суд и се обраќаат до нас како последна надеж барајќи ја правдата. Можам да кажам дека Уставниот суд интензивно работи на решавање на предметите, за тоа зборуваат и бројките од годишните извештаи, но и, како што велите, приливот на предмети по кои активно се постапува. Не сме ниту на пола од годината, а веќе имаме околу 200 предмети, што во минатото било бројка што го надминува просекот на годишно ниво…
Она што се промени во изминатиот период е зголемената транспарентност и видливост на Уставниот суд во јавноста. Седниците се пренесуваат во живо, Судот, судиите и јас лично ги образложуваме нашите одлуки, Судот е поотворен кон медиумите и граѓаните, а со тоа јавноста многу подиректно ја следи неговата работа. Сметам дека тоа придонесува за поголема доверба, но и за поголема свесност кај граѓаните за надлежностите и улогата на Уставниот суд. Тоа дополнително ја зголемува одговорноста на Судот и судиите во процесот на одлучување.
Очекувате зголемена работа, а дали ќе можете соодветно да одговорите ако го земеме вашиот буџет, кој изнесува околу 100 милиони денари? Ќе можете ли со тој скромен буџет да ја подобрите функционалноста на Судот?
– Ова прашање бара покомплексен одговор, а тоа е потребата од донесување закон за Уставен суд, кој треба да ги обезбеди нашата целосна самостојност и независност. Вработените и судиите се нуклеусот на институцијата, се подразбира дека нивното проактивно постапување и ефикасност ја подобруваат функционалноста, но што би направиле без соодветно финансиско портфолио? Оваа институција расте и се развива од година на година и очекувано е да се зголемат и потребите од буџетска поддршка. Секако, имаме искрени пријатели како што се меѓународни организации како ЕУ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ТИКА, ИРЗ, па успеваме клучни проекти со кои ги зајакнуваме капацитетите да обезбедиме со нивна поддршка. Но, горливиот проблем останува, сѐ додека не ги добиеме комплетната самостојност и независност.
Секако дека секоја институција би можела поефикасно да функционира со поголеми ресурси, особено имајќи ги предвид важноста и чувствителноста на прашањата за кои одлучува Уставниот суд. Сепак, и во услови на ограничен буџет, Судот настојува континуирано да ги унапредува својата функционалност, транспарентност и ефикасност. Во изминатиот период беа преземени чекори во насока на поголема отвореност кон јавноста и дигитализација на Судот. Секако, за подолгорочен и посуштински институционален развој ќе бидат потребни и дополнителни вложувања, особено во човечки и технички капацитети.
Во година кога нашиот Уставен суд претседава со Балканскиот форум на уставни судови – настан од исклучително значење и за институцијата и за државата, Судот функционира со навистина скромен буџет.
Два отсто доверба во правосудството е прашање на систем
Според сите анкети, судско-обвинителскиот систем ни е во сериозна зона на самрак, со поддршка од само два процента. Ако ја земеме поранешната практика на Уставниот суд да се изјаснува за ненадлежен, па дури и за прашање какво што беше промената на името, тогаш заклучокот е дека во таа зона на судска магла е и Уставниот суд. Кој е Вашиот коментар?
– Повеќепати сум истакнал, недовербата на граѓаните не е само во правосудниот систем туку во целокупниот државен апарат. Причините за тоа се провлекуваат со децении. Клучниот проблем, според мене, е децениската предоминација на извршната власт врз сите други власти, што доведува до партизација на системот, слаби институции што зависат од еден центар, и резултатот е тој што го имаме. Видете, оваа недоверба не е создадена за една или две години. Таа децениска аномалија придонела за ова што е денес реалност. И ќе повторам, за мене е неприфатливо која било од трите власти да го вперува прстот кон другата со обвинувања. За да имаме два отсто доверба во правосудниот систем, тоа значи дека законодавната и извршната не биле на децениски годишен одмор па се случило тоа, не, тоа е прашање на систем, меѓусебно условен и зависен. Затоа е важна улогата на еден бескомпромисен Уставен суд. Тој е на врвот на пирамидата наречена „владеење на правото“. Ако тој рефлектира правна сигурност, ќе се охрабри и судството, па и законодавната власт, и ќе се намали можноста за нивна зависност или потчинетост на извршната власт, каква што постоела во одредени периоди во минатото. Многу е важно Уставниот суд да рефлектира правна сигурност, а во последните две години сведочиме на нервозни политички фактори, нервозна Влада, Собрание, зошто? Едноставно, со децении уживале во комфорот, се „ладеле“ во сенката на лојалниот Уставен суд. Денес тој комфор повеќе не постои. И најдобар доказ дека Уставниот суд правилно ја врши својата работа, дека е на добар пат, е токму таа нервоза кај политиката и кај државните органи. Х.И.
„Бадентер“ е алатка за политичките органи, а не за Уставниот суд
Можно ли е еден ден, повторно заради политиката, да се разбудиме сите, заедно со Вас, и во Уставниот суд да видиме како се одлучува според Бадентер? Постои ли ефикасна брана за овие неуставни барања? Поставувајќи го ова прашање, на ум ги имаме и сѐ погласните барања за воведување можност за полагање на правосудниот испит на јазиците на малцинствата, при што најгласни се тие на Албанците?
– Како ќе се разбудиме утре зависи од тоа како ќе ни ја скројат државата оние што денес носат одлуки во име на граѓаните. Ако јас се прашувам, тоа би било погрешна одлука, одлучувањето по Бадентер е алатка за политички органи како Собранието, а не за Уставниот суд или на пример Судскиот совет. Во Уставниот суд одлуките ги обликуваат правните, а не политичките или етничките аргументи и тука треба да се заврши со ова прашање. Се надевам на разум, зрелост и паметни, а не избрзани одлуки. Најлесно е да се критикуваат домашните судии, обвинители, и тоа гледаме дека се одвива доста паушално колку да се пополни јавниот простор со манипулации. Но, еве, ако сакате за Балансерот односно Бадентеровиот принцип, за процентуалната застапеност на малцинствата во администрацијата, најдобро е да го цитираме токму Роберт Бадентер – „тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со сите привилегии и предности, наместо да создаде заеднички народ, една заедничка нација. Етничкиот пристап ризикува да го влоши она што всушност треба да се надмине“.
Во контекст на полагањето на правосудниот испит на албански јазик, јас лично не гледам ништо спорно секој да го полага овој стручен испит на јазикот на кој се образовал. Слушам овој период дека правни експерти работат на тоа решение дали Законот за правосуден испит бил во колизија со Законот за употреба на јазиците или не, затоа ќе се воздржам од коментар по ова прашање. Лично, сметам дека е важно, покрај очекувањата што ги имаме од државата, да покажуваме и чувство на одговорност и почит кон нејзините атрибути, обележја, вредности и институции. Честопати повеќе внимание им посветуваме на прашањата што нè раздвојуваат отколку на оние што нè обединуваат. И повторно тука е клучна политиката, која разликите треба да ги насочува кон обединување, а не кон дополнителни поделби. Видете, почитта е двонасочна улица, за да ја барате треба и да ја давате. Не можам да бидам среќен кога гледам млади луѓе што не покажуваат минимум почит кон знамето, кон институциите, а истовремено протестираат и бараат од таа нивна држава, од тие нивни институции, да им ги почитуваат правата. Тие млади луѓе утре ќе раководат со истите тие институции, ќе ја претставуваат таа една наша заедничка држава. Х.И.
За Протоколот број 2 се чека мислење од Владата и од МНР
Дали е можно, како што тоа беше случај со укинувањето на неуставниот балансер, овој суд да донесе темелни одлуки и за други случаи во кои флагрантно е прекршен Уставот? На пример Протоколот број 2 е со потпис на министер, кој, според законите и уставните надлежности, не можел да го направи тоа. Со актот тој поништил и собраниска резолуција. Вашето мислење во оваа насока.
– Овој предмет е жив предмет, по него сѐ уште се постапува и затоа не би коментирал детали од него, а се разбира дека имам изграден став за тоа прашање. Но, еве, да појаснам бидејќи и други новинари прашувале, а и јавноста е заинтересирана што се случува. Во исчекување сме на мислењето од Владата и МНР во овој предмет. Станува збор за редовно постапување и преземени активности како и во сите други предмети во Судот, но, според мене, во овој предмет особено е значајно да се види и нивното мислење.
Изборот на наш судија во Судот во Стразбур беше доста интересен, токму Вие го раководевте панелот за избор. Дали, сепак, на крајот Стразбур го има конечниот збор или тоа оди со преговори за кои јавноста не е доволно информирана?
– Јас бев назначен како претседател на Комисијата што го спроведе изборот на кандидат за судија во ЕСЧП во Стразбур. Драго ми е што овој процес се одвиваше транспарентно, интервјуирањето на кандидатите беше во присуство на невладини претставници и на крајот и за нас како Комисија немаше никакви забелешки во постапувањето и самиот избор од страна на Советодавниот панел. Понатаму, сѐ останува во рацете на Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа и тука ние не можеме да влијаеме. Ценам дека е направен добар избор и дека преку овие кандидати ја претставивме нашата држава во најдобро светло.
Претседателе, сите сме еднакви пред Уставот, иако некои се повеќе еднакви, да искористам стара, но добра фраза. Дали оваа фраза важи за пензионерите односно за пензионерите што живеат тука со тие во странство?
– Начелото на еднаквост значи еднакво правно третирање лица што се наоѓаат во споредлива правна и фактичка состојба, но Уставот дозволува различно уредување кога тоа се темели на разумни, објективни и легитимни причини. Во конкретниот случај, Судот оцени дека законодавецот вовел временска и интервентна мерка од доменот на социјалната политика, насочена кон заштита на животниот стандард на пензионерите што непосредно ги чувствуваат економските услови и трошоците на живот во државата. Тоа значи справување со состојба што се случува во Републиката, дома, не надвор. Притоа, Судот оцени дека не станува збор за укинување или ограничување на правото на пензија, ниту за слободата на движење или живеење во странство, туку за законско решение што има легитимна социјална цел и ограничен временски домет. Х.И.
































