На Украина ѝ треба сеопфатен и траен мир, во согласност со Повелбата на ОН

Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Македонија

 

Се заокружува една година откако главниот геополитички глобален и европски предизвик се идентификува со барањето решение за руско-украинскиот конфликт. Постојат ли реални основи за надеж дека овој оружен (воен) конфликт на европско тло може да биде надминат во брзо време?
– Помина една година откако Русија ја започна својата брутална, неиспровоцирана агресивна војна против Украина, прекршувајќи ја Повелбата на ОН. Русија сметаше дека може да нападне суверена соседна земја и насилно да ја освои за неколку дена. Не успеа. Сепак, војната на Русија вклучува огромно уништување и загуба на човечки животи, нелегална анексија на украински територии, како и напади врз цивили и цивилна инфраструктура низ територијата на Украина, со грубо прекршување на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. Русија е исто така одговорна за економските удари, во смисла на растечките цени на енергијата и храната што следуваа по инвазијата на Украина. Русија започна и агресивна воена пропаганда и дезинформации со кои ги оправдува или негира злосторствата, ја нормализира окупацијата и ја префрла вината за инфлацијата, кризите со храна и енергија на земјите што ја поддржуваат Украина.

По навршувањето една година, војната сè уште беснее и тешко е да се каже колку долго ќе трае. За да ѝ се стави крај на војната, треба да има мир. Украинскиот народ не заслужува ништо помалку. Но, не каков било мир. На Украина ѝ треба сеопфатен и траен мир, во согласност со Повелбата на ОН. Тоа значи дека Русија треба да ги прекине нападите и треба да ги повлече сите свои сили и воена опрема од Украина. Тоа мора да го направи веднаш, целосно и безусловно.

Дотогаш, ЕУ ќе продолжи да ѝ ја дава на Украина сета поддршка што ѝ е потребна за да го одбрани своето население. И тоа ќе го правиме сѐ додека е потребно. Во практика тоа значи да се задржиме на нашата „тројна стратегија“. Првиот столб на оваа стратегија е нашата континуирана поддршка на Украина со хуманитарни, економски, политички, дипломатски и воени средства. Досега ЕУ мобилизира 50 милијарди евра за поддршка на Украина, вклучувајќи и воена поддршка. Исто така, решивме позитивно да одговориме на барањето на Украина да ѝ се приклучи на ЕУ. Исто така, работиме на тоа да се осигури одговорност за воените злосторства извршени од страна на Русија.

Второ, го зголемуваме притисокот врз Русија. ЕУ досега има усвоено девет пакети санкции, а десеттиот е на пат. Ја намаливме зависноста од руските фосилни горива и во тесна соработка со клучните партнери ги намаливме за 50 отсто приходите од енергија што Кремљ ги добива за финансирање на својата агресија.
Трето, им помагаме на партнерите да се справат со последиците од војната. Затоа обезбедуваме 80 милиони евра како директна буџетска поддршка за Северна Македонија, со цел да помогнеме да се ублажи влијанието на зголемените цени на енергијата врз граѓаните. Дополнително на ова, предвидена е и друга помош како дел од дополнителни половина милијарда евра што се предвидени за Западен Балкан како целина.

Македонија им е лојален сојузник и на НАТО и на ЕУ, усогласувајќи ја својата надворешна политика во однос на сите приоритетни предизвици и глобален план, особено во поддршката на Украина, како на Алијансата, така и на Унијата. Но што е потребно да се стори од другата, партнерска страна, за Македонија да добие рамноправен третман во својот евроинтегративен процес? Имено, процесот реално да биде заснован на европските вредности и Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, а не втемелен на задоволување на постојаните апетити на соседите Грција и Бугарија, поради кои Македонија направи и сѐ уште прави колосални отстапки (историски, јазични, идентитетски), не само на своја штета туку и на штета на меѓународното право?
– Северна Македонија покажа лидерство за пример со целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на Украина, на меѓународните форуми и дома, преку спроведување санкции против одговорните за војната на Русија. Земјата игра важна улога за Украина, исто така и во контекст на нејзината позиција како претседавач со ОБСЕ.

Кога станува збор за интеграцијата на земјата во ЕУ, условите и принципите на кои мора да се придржува секоја земја што сака да стане членка на Европската Унија се утврдени во Договорот за Европската Унија. Тоа се таканаречените Копенхашки критериуми и се применливи за Северна Македонија, исто како и за секоја друга земја кандидат. Тие го покриваат постоењето на институции што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување на малцинствата; постоењето на отпорна функционална пазарна економија и способност да се преземат обврските што произлегуваат од членството, вклучувајќи го и спроведувањето правила, стандарди и политики. За земјите од Западен Балкан, добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување и затоа е важно Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија да се спроведуваат со добра волја од сите.

Истовремено, сакам да истакнам дека ниту една земја не го губи својот идентитет на патот кон ЕУ. И оваа земја може да биде сигурна во врска со сопствениот идентитет и во врска со својот јазик, како и во тоа дека европскиот пат само ќе ја зајакне земјата. Тоа е докажано одново и одново во последователните бранови на проширување на ЕУ. Неодамна ратификуваниот договор со Фронтекс – потпишан, преведен на македонски јазик на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ – е доказ за тоа.