Фото: Игор Бансколиев

Треба сериозно да се разгледа и можноста дека евентуалните уставни измени, кои се бараат од Македонија, можат да бидат нова залудна жртва, како и многупати претходно со сите досегашни отстапки што ги направи државата, и на крајот повторно да завршиме во ќор-сокак и на слепа улица што не води никаде, а најмалку во ЕУ каква што сега ја знаеме. Најновите сигнали и пораки што пристигнуваат од политичките кругови во Унијата одат токму во таа насока, дека пред ЕУ е сериозен процес на длабоки, болни и коренити внатрешни реформи, кои со себе носат голема неизвесност. Од високи европски политички кругови се споменуваат дури и целосно реструктурирање и редизајнирање на Унијата и нејзино повторно воспоставување како федерација на европските нации. Што значи тоа и какви евентуални предизвици носи во иднина?

КОЈА ТРАЕКТОРИЈА ВОДИ КОН ЕВРОПА КАКВА ШТО ЈА ПОСАКУВАМЕ

Европската Унија, според сите параметри, во моментов се наоѓа на судбоносна раскрсница во кој правец ќе продолжи понатаму. Истото тоа се однесува и за Македонија, која во моментов е соочена со предизвикот на наметнатите уставни измени, како нов услов за наша наводна евроинтеграција. Во вакви околности клучната дилема што се наметнува е каде брзаме, каде одиме и во каква Европа сакаме да влеземе. И клучното прашање, може ли евентуалните уставни измени, кои се бараат од Македонија, да бидат нова залудна жртва, како и многупати претходно со сите досегашни отстапки што ги направи државата, и на крајот повторно да завршиме во ќор-сокак и на слепа улица што не води никаде, а најмалку во ЕУ каква што сега ја знаеме. Зашто најновите сигнали и пораки што пристигнуваат од политичките кругови во Унијата одат токму во таа насока, дека пред ЕУ е сериозен процес на длабоки, болни и коренити внатрешни реформи, кои со себе носат голема неизвесност и никој не знае како ќе завршат. Веќе во јуни следната година Европската Унија ја очекуваат и внатрешни избори за нов состав на Европарламентот, за што веќе течат подготовките и кампањата во земјите-членки. Во меѓувреме политичките пораки и сигнали што доаѓаат од Европа воопшто не се охрабрувачки. Сосема извесно е по изборите и по внатрешните реформи на кои се инсистира, ЕУ да се претвори во нешто сосема поинакво и различно од досега. Колку таквата редизајнирана ЕУ ќе биде наклонета кон Македонија, но и обратно како Македонија ќе се вклопи, дали повеќе ќе добие или ќе изгуби во една таква констелација и ново европско уредување, може само да се претпостави. Затоа секое наше избрзување сега може да биде фатална грешка, предупредуваат соговорниците.
– Засега доволно е само внимателно да се следат сите европски пораки и трендови и да не се избрзува со носењето одлуки, кои може потоа штетно да се одразат врз народот и државата. Со други зборови, нема карт бланш никому, кога се работи за судбината и иднината на државата. Во едни вакви околности политичка претпазливост, прагматичност, предвидливост и визија се повеќе од потребни, наместо брзоплетост, политичко слепило и сервилност што во изминатиот период беа одлика на македонската дипломатија – велат аналитичарите и познавачите на околностите во Унијата.

ЕУ како федерација на европските нации

А за тоа какви се моменталните околности и размислувања во однос на иднината на ЕУ најнов показател е штотуку усвоената програма за изборите за Европскиот парламент на Алтернатива за Германија (АфД), политичка партија чиј рејтинг во последно време вртоглаво расте, што ја прави втора најсилна партија во Германија. Така, во штотуку усвоената програма за работа на АФД се вели дека Европската Унија во нејзината сегашна форма е неуспешен проект при што се предлага и нејзино целосно редизајнирање.
Во програмата на АФД се наведува дека ЕУ целосно потфрлила во сите важни области, вклучувајќи ги и миграциската и климатската политика.
Алтернатива за Германија го отфрла еврото како валута и повикува Унијата повторно да се воспостави како федерација на европските нации. Според изборната програма, главните задачи на новата федерација би биле заштита на границите од миграција, стратегиска автономија во безбедносната политика и зачувување на различните идентитети во Европа.
Претходно АФД беше уште порадикална и бараше распуштање на ЕУ, односно Германија целосно да ја напушти ЕУ, иако за дел од аналитичарите и сегашната нејзина идеја за федерализација на ЕУ, односно воспоставување како федерација на европските нации е доста храбра и радикална идеја.
Но што, всушност, значи евентуалната федерализација на ЕУ и какви последици може да донесе тоа за земјите-членки и за аспирантите за членство.
Иако во својот сегашен формат, како наднационален и меѓувладин сојуз (заедница) на 27 земји-членки, ЕУ може да се дефинира како најголемата конфедерација на независни држави во светот, во одредени области таа и сега функционира како федерација (пример во делот на монетарната политика, аграрот, екологијата).
– Федерализацијата на Европа, тукуречи инкогнито и под маса, беше веќе забетонирана уште во шеесеттите години. Подоцна Французите и Холанѓаните гласаа против Лисабонскиот договор во 2005 година и тој едноставно беше игнориран. За време на грчката финансиска криза исто така беа преземени одредени чекори кон „федерализација“ на финансиите на еврозоната. Договорот од Мастрихт исто така воспоставува јасна федерална реторика и неколку нормативи што се фундаментални за која било федерална држава. Така што со одредени потези и политики сѐ повеќе „се приближуваме кон федерализам, иако малкумина гласно говорат за тоа во рамките на ЕУ – велат познавачите на околностите во Унијата.

Сѐ се врти околу устав

Инаку поимите федерација и конфедерација се два сосема различни концепта. Во рамките на конфедерацијата, земјите-членки го одржуваат својот суверенитет и често именуваат слаб централен авторитет за да ги забрзаат бирократските работи. Спротивно на тоа, држави што се приклучуваат кон федерација се согласуваат да отстапат дел од своите овластувања (суверенитет) и да одговараат пред една централна влада, која има моќ да спроведува закони и прописи. Во двата случаја зборуваме за унија на земји, држави, но членовите на конфедерацијата одржуваат голем степен на автономија и независност – и можат (речиси) слободно да ја напуштат унијата кога ќе одлучат да го сторат тоа (како Британија на пример) додека членовите на федерацијата се обврзани да го почитуваат авторитетот на централната влада и да одржуваат ограничени овластувања.
Оттаму да се ​​биде дел од федерација или конфедерација има различни импликации за земјите-членки. Главната разлика помеѓу двете е концептот на конститутивниот акт (поедноставно кажано евентуалниот устав), чија задача е да создава полабави (конфедерација) или поцврсти (федерација) правни врски меѓу земјите-членки и го поставува балансот на моќта помеѓу централните (заедничките) и пониските власти (во случајов властите на државите-членки).
Следствено, заклучната хипотеза е дека конститутивната (уставната) компонента се наметнува како клучен елемент во креацијата на вистинска формалноправна творба на континентално ниво, велат соговорниците.
Имено, конфедерацијата – како лабав „сојуз на држави“, нешто слично како и досега, со тоа што тоа се покажа како неефикасен сојуз, односно тромава формалноправна творба. И втората е федерација (или „сојузна држава“) со многу поцврсти врски и силно развиена централизирана власт, која ќе добие приоритет над власта во самите членки на федерацијата и сите процеси ќе се раководат „одозгора“. Второво е всушност еквивалент за една наддржава, ЕУ од т.н. првата лига, во која би се поврзале првиот ешалон на водечките држави од сегашната ЕУ. Но и за втората опција, ЕУ како федерација има стравувања.
– Поради високата поделеност и диверзифицираност на општеството, федеративната наддржава нема да биде способна да генерира материјални и нормативни средства преку кои ќе обезбеди праведна дистрибуција на добра што ќе ги задоволи потребите на граѓаните. Во такви услови секоја политичка одлука што не оди во прилог на еден од конститутивните народи може да предизвика сериозни кризи од уставен карактер и кризи на легитимитет, кои би резултирале со парализа на политичкиот процес. Федерализмот функционира добро само ако компонентите не се нации. Добар пример што оди во прилог на овој аргумент е и колапсот на неколку мултинационални федерации (СССР и СФРЈ помеѓу другите) – велат критичарите на концептот на реструктурирање на ЕУ во насока на федерализација на ЕУ.

Мудри одлуки на политичките лидери во Македонија

Во едни вакви околности на длабоки реформи и предизвици што стојат пред ЕУ, за Македонија многу помудро би било да почека во кој правец ќе се одвиваат реформите во Унијата, па потоа да презема радикални чекори со промена на Уставот и слично.
– Воопшто не треба да се брза со уставните измени. Во моментов ниту самата ЕУ не знае во кој правец ќе продолжи и постои големо разногласие во рамките на самата Унија по низа прашања. Она што е повеќе од јасно е дека за идно проширување сега воопшто не се размислува. Вакви пораки доаѓаат и од Германија и од Франција, како носечки земји-членки и креатори на политиките во Унијата. Оттаму најдобро е Македонија да почека. Доколку, пак, на Унијата ѝ се брза, таа има можности во секое време да повлече друг потег и да ја отвори вратата за Македонија, без какви било условувања и уцени – велат дипломатите.