Се гласа на 3.480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. читачи на отпечатоци од прсти (фингерпринт-апарати)

Втор круг на седмите претседателски избори и 11-ти парламентарни избори се одржуваат на 8 мај, на кои граѓаните ќе имаат можност да избираат нов претседател на државата, како и нов парламентарен состав.
На вториот круг од претседателските избори, на кои ќе се натпреваруваат кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, и актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, поддржан од владејачката СДСМ и коалицијата, право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата од 1.033 гласачи е само поради граѓаните што во тој период станале полнолетни.
На претседателските избори во изводите од избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи. Во посебните изводи од избирачкиот список за лица што поднеле пријава за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи згрижени во установите за вонсемејно згрижување, а во избирачкиот список се запишани и две внатрешно раселени лица. Лицата заведени во посебните изводи од избирачкиот список ќе гласаат денеска, односно 7 мај.
На парламентарните избори право на глас имаат 1.815.350 избирачи. Тие ќе можат да се определат за една од 17 листи на кандидати. Листи за кандидати за пратеници имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ, политичката партија Левица, коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничката партија. Земјата е поделена во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за некои од изборните единици.
Во изводите од избирачкиот список за гласање се запишани 1.716.664 избирачи, додека во посебниот извод од избирачкиот список за лицата што во согласност со евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани 96.010 избирачи.

Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани. Овој услов, како што појаснуваат од ДИК е бидејќи пратениците се избираат во изборната единица во странство според пропорционалниот модел, односно мора да има еден вид цензус. За да се организираат избори во дипломатско-конзуларните претставништва беше потребно да се пријават најмалку десет избирачи. Овој услов беше исполнет во 31 претставништво, но за да се гласа и за парламентарните избори, дополнително беше потребно да има пријавено најмалку 5.355 гласачи, во сите 52 ДКП. Ова не се случи, па поради тоа дијаспората нема да учествува во изборот на идните пратеници.
Кампањата за претседателските избори започна веднаш по првиот круг од изборите, додека дваесетдневната кампања за парламентарните избори почна на 18 април. Денеска и утре во тек е предизборен молк, кој завршува со затворањето на гласачките места на 8 мај во 19 часот.
Се гласа на 3.480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. читачи на отпечатоци од прсти (фингерпринт-апарати). С.Т.